САД не сакаат ништо повеќе од тоа да ја видат Македонија како една силна, просперитетна и мултиетничка демократија, целосно интегрирана во евроатланската заедница, порача денес новиот американски амбасадор во земјава, Џес Бејли при предавањето на акредитивите до претседателот Ѓорге Иванов.
– САД и Македонија имаат силно пријателство, делиме заеднички цели и работиме за решавање на проблемите низ светот, кон тоа тој да биде подобар, побезбеден и послободен, и САД не би сакале ништо повеќе од тоа да ја видат Македонија како една силна, просперитетна и мултиетничка демократија, целосно интегрирана во евроатланската заедница. Се чувствувам добредојден во земјата, имав одличен разговор со претседателот, а претходно и со министерот за надворешни работи. САД се пријател и партнер на Македонија, ја признаваме под нејзиното уставно име и го признаваме правото на нејзините граѓани да го дефинираат својот идентитет – изјави американскиот амбасадор.
Македонија во континуитет придава исклучителна важност на развојот и натамошното унапредување на односите со САД, а двете земји исто така ги поврзува заемната посветеност на почитувањето на универзалните вредности – мирот, слободата, деморкатијата и безбедноста – изјави претседателот Ѓорге Иванов.
– САД претставуваат еден од најважните стратегиски партнери во реализацијата на нашите надворешнополитички цели. Интеграцијата во евроатланските структури, добрососедски односи, регионалната соработка се нашите највисоки приоритети на кои сме целосно фокусирани. Непринципиелните блокади, спротивни на меѓународното право, кои се пречка за нашите интеграции, кои создаваат и проблеми во нашето општество, воопшто не не обесхрабруваат. За нас никогаш не било прашањето дали, туку кога ќе ги реализираме нашите цели. Членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ има огромна кохезиона моќ во нашето општество. Тоа убеден сум, не е придобивка само за нас, недвосмислено тоа позитивно ќе влијае и на стабилноста и просперитот на нашиот регион. На тој план, како и досега, се надеваме и очекуваме поголема поддршка од САД – рече Иванов.
На прашањето за моментната политичка состојба во земјата, Бејли нагласи дека САД стојат на тоа што го порачаа претходно, а тоа е дека сите истраги што се вршат во моментов треба да бидат спроведени на еден отворен и транспарентен начин.
– Политичката состојба е чувствителна, во текот се истраги што треба да бидат спроведени на отворен и транспарентен начин, целосно почитувајќи ги независноста на судството, владеењето на правото, слободата на медиумите и сигурен сум дека ова е состојба која што македонсктие граѓани, политичките лидери и институциите ќе ја решат. Сметам дека го дадовме нашите критики, и нашите институции имале и се уште имаат предизвици во поглед на демократијата, и целосно очекувам дека граѓаните на Македонија ги очекуваат овие работи, аспиранти се за членството во ЕУ, владата има обврска кон тие вредности и не гледам причини за ова да не се реши – порача Бејли.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.