Откако Русија се откажа од проектот „Јужен тек“, Србија се врти кон американските врски за снабдување со гас, објави српски „Блиц“ повикувајќи се на свои извори.
Договорот бил постигнат на состаноците на премиерот Александар Вучиќ со потпретседателот на САД Џозеф Бајден и со помошникот државен секретар Викторија Нуланд во саботата во Минхен. Изворот од српската влада за „Блиц“ вели дека работите максимално се забрзуваат.
– Со Американците сѐ уште сѐ е на ниво на планови, но приказната добива на брзина. Србија треба да се приклучи на сите можни извори на гас – објаснува нашиот извор.
Гасот во Србија би морал да стигне преку Хрватска, кога ќе се реализира изградбата на терминалот за течниот природен гас, кој би го носеле катарски, алжирски и евентуално американски танкери до Крка. Од Америка гасот би стигнувал компримиран, па поради тоа и поскап. Потоа би се испорачувал во Унгарија и во земјите од Балканот. Оваа опција неодамна ја наговести амбасадорот на САД во Хрватска Кенет Херберт, порачувајќи дека Америка смета на Србија да се приклуч во проектот на гасоводот преку Крка. Другата опција е гасот во Србија да стигне преку грчко-бугарските интерконекции, а треата е Трансатлантскиот гасовод. Министерот за рударство и енегергетика, Александар Антиќ вели дека Србија одговорно ги набљудува сите енергетски предизвици.
– Го следиме развојот на ситуацијата. Меѓу важните работи за нас ќе биде интерконекцијата со соседните земји, пред сѐ со Бугарија. Нема дилеми дека ќе учествуваме во сето тоа – вели Антиќ.
Вртењето кон САД и кон ЕУ за снабдување со гас може да остави тешки последици по политичките врски со Русија, предупредува „Блиц“. Сепак, надлежните во српската влада за тоа не се грижеле.
– Што би се лутеле Русите кога самите се откажаа од „Јужниот тек“? – вели изворот за Блиц, кој според весникот бил во врвот на српската влада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


