Интензивните врнежи од дожд во текот на денот предизвикаа зголемување на водостојот на сите водотеци во Македонија. До крајот на денов се очекува врнежите да престанат, а водостоите да бидат во благ пораст во сите сливни подрачја.
Управата за хидрометеролошки работи попладнево соопшти дека во сливот на реката Црна, водостојот во горното течение кај селото Доленци е зголемен за 28 сантиметри, а во средното течение во селото Новаци за 8 сантиметри. Зголемен е и водостојот на реката Прилепска и реката Крушевска кои во долното течение ја формираат реката Блато и од каде има прилив на нови количини на вода во реката Црна. Во текот на денот се очекува да продолжи да расте водостојот особено во средното течение на реката од Бучин до Новаци и низводно до Скочивирската клисура.
– Останува критична и алармантна состојбата во сливот на реката Црна и препорачуваме внимателно следење и во текот на викендот, се вели во соопштението од УХМР.
Во сливот на реката Брегалница, во горното течение водостојот е зголемен за 10 сантиметри во однос на вчерашниот, а зголемување на водостојот има и на Х.С. Очи Пале. Во средното течение кај Штип водостојот денес е во стагнација. Со покачен водостој во утринските часови била и реката Злетовска.
Пораст на водостојот има и на реката Струмица во долното течение со тенденција за зголемување во текот на денот.
Во сливот на реката Кумановска регистриран е пораст на водостојот предизвикан од денешните локални врнежи во овој регион. Потенцијална опасност од можно излевање има кај селото Доброшане. Зголемен водостој има и во горното течение на реката Пчиња кај Пелинце.
Реката Треска има зголемен водостој, а покачен водостој има и во горниот тек на сливот на реката Вардар кај Јегуновце, како и во средното течение. Зголемување на водостојот за 54 сантиметри има и реката Тополка.
Според временската прогноза во текот на следните денови времето ќе биде постудено со пониски температури и засилен северен ветер што ќе допринесе за стабилизација на хидролошката состојба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.