| четврток, 6 декември 2018 |

Нивото на Црна Река непроменето, се зголемува на Градска Река

Според последните информации од Кризниот штаб од Прилеп, моментно нивото на Црна Река не е зголемено, но се зголемува нивото на Градска Река и на вештачката акумулација. Војската и вработените од јавните претпријатија се на терен, ги проверуваат насипите и градат нови.

 – Нивото на Црна Река моментно не е зголемено, но е покачено нивото на Градска Река, а од вештачката акумулација се испуштаат по 2.500 литри вода во секунда како вишок. Очекуваме повеќе врнежи со што се згоемува опасноста од нови поплави и затоа треба да бидеме подготвени, не само кризниот штаб, туку и граѓаните. Моментно се ангажирани 150 луѓе, од кои стотина војници и сега работат на дообезбедување на трафостаницата во Тополчани, која го снабдува тој регион со електрична енергија. Има и пумпа за евентуално исфрлање вода – изјави градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.
Механизацијата е на терен кај Кадино Село каде што вчера се правеа насипи на две пробивања на коритото на Градска Река, која се излева во полето.
– Вчера затворивме два отвора, денеска ќе се работи интервентно на уште два за да се заштити полето од нова поплава, пред сѐ, селото Боротино. Се поставува насип и на Градска Река на излезот од Прилеп под населбата Димо Наредникот – истакна Ристески.
Според командантот на гарнизонот „Мирче Ацев“ во Прилеп, полковник Жарко Ристески, денеска се ангажирани 100 војници, главно во реонот на Тополчани и на општина Новаци, каде е и најкритично. Во касарната се складирани и три тони флаширана вода од Прилепската пиварница кои преку Црвениот крст ќе бидат дистрибуирани каде што е најпотребно.
Информациите, пак, на Центарот за јавно здравје покажуваат дека епидемиолошката состојба е мирна, но оти водата е загадена во пет најкритични населени места во општината.
Нема зголемен број на цревни заболувања кај населението, но најновите резултати на испитаната вода во населените места покажаа дека таа е неисправна во петте најзагрозени со поплавите. Резултатите од испитувањата на водата од селата Ерековци, Канатларци, Тројкрсти, Чепигово и Кадино Село покажаа дека има бактерии, дека водата е фекално загадена и оти не е безбедна ниту бактериолошки, ниту хемисли и не е за пиење. Затоа исклучиво треба да се користи флаширана вода. Во текот на денов граѓаните ќе бидат снабдени со вода за пиење од цистерни – изјави епидемиологот Горан Кузески од центарот за јавно здравје.
Според Центарот водата од регионалниот водовод „Студенчица“, која се користи во Прилеп, Крушево и во дел населени места во Крушевско и во Долненско е исправна за пиење. Во другите населени места водата мора да се преврива пред употреба.
 

По поплавите, општинската комисија за елементарни непогоди излезе на терен да ги процени пријавите на граѓаните за штетите. Претседателот на комисијата Александар Неделкоски информира дека досега стигнале 45 барања од кои најголемиот дел се од Чепигово, Тополчани, Тројкрсти, кои се најзагрозени. Исто така, има пријави и од градот на поплавени станбени објекти, најмногу подруми. 
Од Центарот за социјални работи информираат дека досега  во службите пристигнале 96 барања за исплата на еднократна парична помош поради штетите од поплавите. Од нив 45 се од Прилеп, 50 од Кривогаштани и едно барање е од село Средорек, општина Долнени. Комисиите нема да излегуваат на терен, но ќе ги користат записниците од кризните штабови и ќе се исплаќа помош каде што е најзагрозено.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top