| четврток, 6 декември 2018 |

Активности за заштита на манастирскиот комплекс „Св. Архангел Михаил“ во Берово

unnamed

Во согласност со програмата на Владата на Република Македонија, со финансиска поддршка од Министерството за култура етапно се реализира проектот од областа на непосредната заштита на манастирскиот комплекс „Св. Архангел Михаил“ во Берово, кој претставува споменик на културата од 19 век.

Според усвоената динамика на реализација, од страна на надлежната установа НУ Национален конзерваторски центар – Скопје, целосно е завршена првата фаза, која се однесува на препокривање на северозападниот конак во рамките на комплексот. За 2015 година се предвидени повеќе активности, меѓу кои и: изработка на основен проект за конзервација на црквата, изведба на дренажа околу објектот поради континуираната капиларна влага, зацврстување на дотраените дрвени столбови, конзервација на дрвените конструктивни и декоративни елементи, изработка на основен проект за конзервација на северозападниот конак, конзервација на покривот на црквата, како и на покривот на Галеријата на мозаици (поранешно училиште, односно Спомен-куќа на Дедо Иљо Малешевски).

unnamed (1)

Темелите на првиот женски манастир во Берово се поставени дваесет години по изградбата на манастирската црква, околу 1840 година. Во својот најголем подем манастирот броел и до шеесет монахињи, со развиена економија, богословско училиште, ткајачница. Сестринството на манастирот и сега изработува икони во византиски стил за иконостаси. Некогаш надвор од градот, денес женскиот манастир посветен на св. Архангел Михаил се наоѓа на излезот од Берово, на патот што води кон браната и езерото.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top