Русија во Советот за безбедност при Обединетите нации поднесе предлог-резолуција чија цел е да се сузбијат начините за приливот на средства со коишто се финансира радикалната сунитска група Исламска држава (ИД), која светската организација ја прогласи за терористичка организација.
Како што изјавил за агенцијата ТАСС, портпаролот на постојаниот претставник на Руската Федерација во ОН, Алексеј Зајцев, документот е наменет да се спречи остварувањето профит за џихадистите од продажбата на нафта, којашто ја продаваат на црниот пазар експлоатирајќи ги нафтоносните полиња и рафинерии во областите коишто ги контролира Исламската држава во Сирија и во Ирак, како и од шверцот со антиквитети и од наплатата на откупнина за илјадниците луѓе коишто ги држи во заложништво.
– Нацрт-резолуцијата веќе е претставена и се разгледува. Се надеваме дека ќе биде усвоена од Советот за безбедност (на ОН) во наредните денови – вели Зајцев за агенцијата. Истакнува дека датумот на кој ќе се дискутира за резолуцијата ќе биде одреден подоцна.
Извор: Макфакс
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.