| четврток, 6 декември 2018 |

ЕУ со нова реакција за „Пуч”: Загрижени сме за политичката ситуација во земјата

Zaev izjava PUC (3) (Custom)
Европската унија денеска излезе со уште една реакција по повод настаните во Република Македонија, при што претседателот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, и уште три други лица се осомничени за шпионажа и за загрозување на уставниот поредок и недемократско преземање на власта.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, откако во саботата навечер Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) побара почитување на правата на обвинетите во случајот „Пуч“ и на пресумпцијата на невиност, денеска портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, во името на официјален Брисел ја искажа загриоженоста за политичката ситуација во Македонија.
– Ние сме загрижени за политичката ситуација во земјата, начинот на кој овие настани за време на викендот беа спроведени и недостигот од балансирана медиумска покриеност на настаните, што само ги зголеми нашите грижи. Сигурна сум дека знаете оти нашата загриженост за зголемената политизација и перцепција за селективна правда е исто така изразена во редовниот извештај на Еврокомисијата, издаден на крајот на минатата година. Според нас, најважно е истрагата да биде спроведена независно и транспарентно, имајќи го предвид целиот процес и начелото на пресумпција на невиност – истакна портпаролката Коцијанчич.
Гласноговорничката на Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Унијата, Федерика Могерини, потсети дека и во саботата, веднаш откако беше обелоденет случајот „Пуч“ во Македонија, ЕУ изрази загриженост за настаните во Македонија.
– Сакам да потсетам дека во изјавата потсетивме дека очекуваме праведна, независна и транспарентна истрага во случај на какво било наводно погрешно работење, со целосно почитување на правата на обвинетите во согласност со правото и меѓународните стандарди, вклучувајќи го и принципот на пресумпција на невиност – повтори Коцијанчич.
Портпаролката на Еврокомисијата додаде дека засега, како што стојат работите, останува планот за еврокомесарот за соседство и преговори за проширување, Јоханес Хан, на 16-ти овој месец да го посети Скопје, што ќе биде прва негова посета на Република Македонија, откако тој го презеде ресорот од Чехот Штефан Филе.
– Досега нема промени во планот за посета на комесарот Хан на земјава, но се разбира дека одблиску ќе го следиме развојот на настаните и ќе ве информираме – посочи гласноговорничката на ЕК, Маја Коцијанчич. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top