| четврток, 6 декември 2018 |

Чешката позиција кон ИД не е попуштање

zeman_sobotka2Ставот на Чешка кон сунитската екстремистичка група Исламска држава (ИД) не е политика на попуштање, како што се нарекуваше политиката на отстапки на западните сили со Хитлеровата Германија пред Втората светска војна. Ова во телевизиско интервју го изјави чешкиот премиер Бохуслав Соботка, како одговор на претходните различни мислења на претседателот на државата Милош Земан и министерот за надворешни работи Лубомир Заоралек во врска со ова прашање. Одделни изјави на претседателот Земан во последните месеци, Соботка ги назначи за многу „борбени”.

Соботка призна дека во мислењата на Земан и Владата за кризата во Украина и акцијата против ИД ,,понекогаш се појавува дисхармонија”. Тој потсети, дека Чешка се приклучи на меѓународната кампања против исламските милитанти кога донираше поголемо количество на муниција на курдските борци.

– Нашата муниција придонесе за фактот дека курдските борци преминаа во контраофанзива, оцени Соботка.
Минатата недела, Земан повика на вооружена акција против ИД, под покровителство на Советот за безбедност на ОН, а која би се фокусирала на терористичките кампови за обука.

Шефот на чешката дипломатија тоа го одби, велејќи дека против радикалната исламска идеологија треба да интервенираат главно муслиманите. Највисоките чешки политички претставници на 17 февруари ќе разговараат за опасноста од ИД, како и за понатамошниот став за санкциите против Русија поради нејзината вмешаност во кризата во Украина.

– Верувам дека сега е неопходно да се поддржат санкциите и да се инсистира на продолжување на дипломатските разговори меѓу Русите, Украинците и бунтовниците, додаде Соботка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top