| четврток, 6 декември 2018 |

МВР: Се спречи обид за загрозување на уставниот поредок и недемократско преземање на власта

mvr

Министерството за внатрешни работи реализира случај во кој е спречен обид за загрозување на уставниот поредок и недемократско преземање на власта.

Според досега прибавените докази во рамки на акцијата „Пуч“, информира на денешната прес-конференција помошник министерот во МВР Иво Котевски, четири осомничени лица преку употреба на незаконски средства на следење и шпионирање со упатување сериозни закани кон високи државни функционери сакале да извршат преврат и да изнудат разни услуги.

Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал на РМ до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, како што рече Котевски, денеска ќе поднесе кривична пријава против четири лица инволвирани во незаконски дејствија.

– Четвртопријавениот остварил повеќе лични средби и телефонски комуникации со претседателот на Владата на РМ,  на 28 септември 2014, на 9 и 31 октомври 2014 и на 17 ноември 2014 година. На средбите и комуникациите пријавениот на претседателот на Владата на РМ јасно и децидно му упатил сериозни закани дека поседува докази од компромитирачки карактер за носители на високи јавни службени и државнички функции во РМ. Заканата ја конкретизирал со тоа што од него како претседател на Владата на РМ и на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ побарал да ги прифати неговите барања за формирање „техничка влада“, а потоа да се распишат предвремени избори за пратеници во Собранието на РМ. За возврат пријавениот ветувал дека нема јавно да ги објави податоците, појасни Котески и додаде дека таквите податоци четвртопријавениот ги добивал од првопријавениот со кого остварил повеќе тајни средби со посредство и помош на третопријавениот.

Инаку, првоосoмничен е поранешeн директор на Управата за безбедност и разузнавање, второосомничена е неговата сопруга, третоосомничен е 53-годишен локален функционер од општина Струмица, а четвртоосомничен е 40-годишно лице од Струмица, лидер на политичка партија.

Првоосомничениот се товари за две кривични дела и тоа „шпионажа“ и „насилство спрема претставници на највисоките државни органи“, а неговата сопруга му помагала при извршување на делата. Третиот и четвртиот осомничен се товарат за „насилство спрема претставници на највисоките државни органи“.

Во периодот од 2012 до денес, првопријавениот прибавувал тајни податоци поврзани со работењето на надлежни државни органи во РМ во форма на документи, фотографии, имиња на лица и други податоци што се однесуваат на општествено-политичките, економските, безбедносните состојби во РМ, со намера, подвлече Котевски, да ги соопшти и предаде на странска држава, организација или лице што им служи. Неговата сопруга, пак, на својот службен компјутер на работното место во „Стопанска банка“, вршела превод на документи и податоци на англиски јазик кои и ги давал осомничениот, за тој преведени да ги предаде на странска држава, организација или лице што им служи.

На 22 јануари годинава извршен е претрес во домот на првопријавениот, против кого веќе е поднесена кривична пријава за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали“, при што се пронајдени и одземени два пиштола, четири компјутери и шест мобилни телефонски апарати.

– Од досега извршената дигитално-форензичка анализа и анализа на содржината, пронајдени се податоци и документи кои укажуваат дека постојат основани сомневања за сторените кривични дела. Во содржината на електронските податоци, беа пронајдени податоци и информации кои укажуваат на транскриптирани документи за извршени разговори помеѓу повеќе личности од јавниот и општествено политички живот во РМ, криптирани доверливи документи од повеќе институции од државата, службени документи од кореспонденција со странски држави, документи од спроведени истраги од надлежни судски инстанци во РМ, кривични пријави и други известувања од правни и физички лица доставувани до Јавното обвинителство во РМ, деловни договори на неколку домашни и странски правни субјекти, појасни помошник-министерот Котевски.

Тој истакна дека денеска е извршен претрес и во домот на третопријавениот, при што се одземени три лап-топ компјутери, еден персонален компјутер и 20 мобилни телефони.

Котевски појасни дека согласно законот за „насилство спрема претставници на највисоките државни органи“ и „шпионажа“ казната затвор е најмалку четири години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top