| четврток, 6 декември 2018 |

Членови на СОНК: Штрајкот е неуспешен затоа што е јалов обид за лична промоција

SONK-

Штрајкот организиран од страна на раководството на СОНК е неуспешен затоа што е јалов обид за лична промоција, која нема поддршка од мнозинството членови на синдикалната организација.

Ова денес го посочија поголема група наставници, членови на СОНК, кои потенцираат дека, за жал, единствениот постигнат ефект се предизвиканите поделби меѓу самите наставници и непотребните конфликти меѓу наставниците и родителите.

Тие додаваат дека е евидентно што над 85 проценти од училиштата во Македонија се во комплетна активност и дека повеќе од 90 проценти од наставниците се на своите работни места и одржуваат настава.

– Во целата оваа ситуација, наместо да бидат најголем приоритет, учениците се претворени во заложници на група луѓе кои работат единствено за задоволување на личните цели и амбиции. Тоа е навистина некоректно, недопустливо и парадоксално за наставниците, како лица водилки и реализатори на воспитно-образовниот процес и, пред сѐ, како втори родители на учениците, да ги попречуваме во нивната едукација. Дел од учениците веќе пропуштија голем дел од материјата предвидена со наставните планови и програми, што веројатно ќе треба да се надомести преку одење на училиште за време на викендите или преку продолжување на учебната година, а тоа е состојбата која не им одговара ниту на учениците, ниту на просветните работници и пред сѐ на родителите – истакнаа членовите на СОНК, кои остануваат на одлуката дека се против штрајкот.

Тие упатија порака до своите колеги кои штрајкуваат и до потесното раководство на СОНК итно да го прекинат штрајкот и борбата, во интерес на сите просветни работници, за враќање на достоинството на професијата да продолжи единствено преку социјалниот дијалог, кој досега овозможувал унапредување на правата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top