| четврток, 6 декември 2018 |

Грчките медиуми потсетуваат дека Русија го признава уставното име на Македонија

say-macedonia
Во безбројните написи за грчко-руските односи кои деновиве се објавуваат во грчките медиуми, некои медиуми потсетуваат на фактот дека Русија го признава уставното име на Република Македонија, јави дописникот на МИА од Атина.

– Русија, исто така, го признава Скопје како Република Македонија што, се разбира, не треба да биде изговор за непријателски однос на Грција кон Москва – коментира еден медиум од Крит.

Признавањето на уставното име на Македонија од страна на Русија се вбројува меѓу предупредувањата во грчко-руските односи, а аналитичарите нагласуваат дека мора многу да се внимава дали некој од условите на „стратешкото партнерство“ со Русија ќе значи повлекување од соработката со Западот и „религиозен“ вид приврзаност кон ставовите на Кремљ.

Во декември минатата година грчките медиуми напишаа дека Путин ѝ удрил шлаканица на Грција кога на прес-конференција за „Јужен тек“ нашата земја ја нарече Македонија.

„Неколку удари и пораки од рускиот претседател“, „Бомби од Путин за Македонија и за Турција“, беа дел од насловите во грчките медиуми кои користењето на нашето уставно име од страна на Путин го претставија како шлаканица за Грција.

– Владимир Путин и удри и втора шлаканица на Грција во истиот говор кога зборувајќи за „Јужен тек“ рече дека гасоводот може да оди низ Грција за да стигне до Македонија, како што го нарече ‘Скопје’ – коментираа грчките новинари во своите текстови.

„Катимерини“, пак, како и некои други весници, потсетија дека Путин го користел нашето уставно име во согласност со терминот што го користи руската дипломатија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top