Радикалниот муслимански проповедник Хаитам ал Хадад, нарекуван проповедник на омраза и познат по своите изјави за Евреите, женското обрежување, хомосексуалците и шеријатот , е поканет да одржи предавање утре во шведската општина Сигтуна близу Стокхолм. Поканата е од здружението Mлади муслимани на Мерста кои на својата страница на „Фејсбук“ пишуваат дека со големо задоволство го поканиле споменатиот проповедник да одржи предавање, меѓу другото, за муслиманскиот идентитет и за рамнотежата меѓу исламскиот шеријат и западното општество.
Контроверзниот Хаитам Ал Хадад, кој живее во Велика Британија, многупати досега бил оспоруван, меѓу другото и поради неговата одбрана на казнувањето со каменување при брачно неверство.
– Тоа е еден вид казна која се користи и за жени и за мажи. Не сум рекол дека треба да се користи единствено за жени, така што доколку брачното неверство е извршено од страна на некој маж, тој би требало да биде каменуван до смрт – вели Ал Хадад во една изјава на „Јутјуб“.
Предавањето беше планирано да се одржи во просториите на Општина Сигтуна, но откако општинското раководство добило информации околу проповедничките активности на Ал Хадад, одлуката е повлечена и предавањето е откажано.
– Таков тип предавачи и неговите погледи околу, на пример, Евреите и хомосексуалците не се во согалсност со договорот што го имавме во врска со изнајмувањето на нашите простории – вели за Шведската телевизија Ана Јернберг Карлсон, одговорна за контакти со медиумите при Општина Сигтуна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.