Италијанскиот парламент денеска ќе се состане со цел да избере нов претседател на државата, што ќе го замени на функцијата Џорџо Наполитано.
Наполитано (89) по девет години на претседателската функција на 14 јануари годинава поднесе оставка. Тој е прв претседател во историјата на Италија што е реизбран, а, исто така, е и прв комунист на таа функција.
По реизборот во април 2013 година Наполитано не ја исклучи можноста за предвремено повлекување од функцијата. Одлуката за повлекување ја најави на 18 декември, за време на традиционалата божикна средба со претставници на дипломатскиот кор.
ДПА јави дека уставниот судија Серџо Матарела е најсериозен кандидат за победа на претседателските избори.
Поддршка за кандидатурата на 73-годишниот Матарела дадоа премиерот Матео Ренци и неговата Демократска партија, додека конзервативците, предводени од поранешниот премиер Силвио Берлускони, се против неговиот избор.
Според италијанскиот закон, по официјално објавување на оставката, Парламентот треба да се состане во рок од две недели за избор на нов претседател.
Новиот претседател на Италија го избираат пратениците на Претставничкиот дом и Сенатот, како и претставници на италијанските региони, што вкупно прават 1.009 претставници. Гласањето ќе почне во 15 часот по средноевропско време, а се очекува новиот претседател да не биде избран во првите три круга гласања, кога е потребно двотретинско мнозинство. Во четвртиот обид, според италијанскиот закон, е доволно просто мнозинство за избор на претседател.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.