Собранието на Република Македонија попладнево на продолжението на 34-та седница го усвои измените и дополнувањата на Законот за партиски истражувачко-аналитички центри, поднесен од пратениците Илија Димовски и Артан Груби.
Законот се заснова врз истите начела врз кои се заснова Законот за партиски истражувачко-аналитички центри, а тоа се: зголемување на квалитетот, преку истражувачки методи во работењето на делувањето на политичките партии и законитост во работењето на партиско истражувачко-аналитичките центри.
Пратеничката Роза Топузовска-Каревска рече дека измените не одат во лоша насока, но забележа дека најголемите четири партии што освоиле гласови на избори сега со закон се повластени во однос на другите субјекти.
За Топузовска-Каревска е важно и помалите партии да егзистираат на политичката сцена, со што ќе се унапредат демократските принципи во Македонија.
Според пратеникот Павле Трајанов изборниот модел е причина за коалицирање на малите партии. Тој побара да се најде начин сите парламентарни партии да имаат пристап до финансиските средства.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски рече дека со измените се прават напори да профункционираат овие институти и истите да имаат реален ефект на политичката сцена.
Претходно, пратениците ги изгласа измените на Царинскиот закон, со кои ќе се обезбеди правилна примена на законските одредби кои се однесуваат на влезната и излезната збирна царинска декларација, чија примена е директно поврзана со ставањето во функција на новиот систем за обработка на царинските декларации и акцизни документи (СОЦДАД).
Собранието го донесе и Законот за изменување и дополнување на Законот за додадена вредност.
Пратениците го прифатија и дополнувањето на Законот за безбедност и здравје при работа. Со законот е определено работодавачот да мора да обезбеди здравствени прегледи за вработените најмалку на секои 24 месеци и дека овластената здравствена установа е должна да ги врши здравствените прегледи согласно со стандарднот минимум кој е задолжителен за сите систематски, претходи, насочени и периоднични прегледи.
Во претпладневниот дел од 34. седница Собранието на Република Македонија ги изгласа измените и дополнувањата на законите за даночна постапка, за хартии од вредност, за банките и за осигурување депозити.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.