| четврток, 6 декември 2018 |

Истекува рокот за барање кредит за вработување

работа

Микро и малите компании можат уште денеска да ја искористат можноста за вработувања со поволен кредит од Владата.

Преку огласот кој е отворен уште денеска Владата нуди 3 илјади евра за вработување лице над 29 години и 4 илјади евра за невработени до 29 годишна возраст. Секое претпријатие може да аплицира за најмногу 3 работни места со што вкупната кредитна поддршка достигнува до 9 односно 12 илјади евра.

Кредитот е со рок на враќање од 2 години, со грејс период од една година и со 1 отсто камата. Компаниите треба да функционираат најмалку една година, да имаат најмалку еден вработен и да не го намалиле бројот на вработени во последните 6 месеци.

-Позитивна работа е тоа што тука при една од овие мерки доаѓа до комбинација на два проекти кои што ги спроведува Владата на Р.Македонија, а тоа е доколку некое микро или мало претпријатие се кадидира за да добие кредитни средтсва за отварање на нови работни места каде што ќе вработи лица кои што се под 29 години, ги исполни условите и се здобие со можноста да добие до 12000 евра за отворање на 3 нови работни места за млади лица под 29 години, за истите тие лица кои што ќе ги вработи ќе биде ослободен работодавачот од плаќање на социјалните придонеси во рок од 12 месеци од работниот ангажман – истакна владиниот порпарол Александар Ѓорѓиев.

Од Владата велат дека аплицирањето е едноставно, со поднесување на пријава на формулар во Агенцијата за вработување, а дополнителни документи може да се обезбедат подоцна.

Кредитот може да се искористи за вработување на конкретно лице со услов тоа најмалку еден ден да е пријавено како невработено или од агенцијата да се побара список на кандидати согласно потребите на работното место.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top