| четврток, 6 декември 2018 |

„Остен“ добитник на признанието „Љупчо Филипов“ за 2015 година

osten

„Остен“ – Скопје како долгогодишен организатор на реномираната Светска галерија на карикатури и поранешен издавач на весникот со исто име, годинава е добитник на Признанието за развој и за афирмација на стрипот во Македонија, именувано според прерано починатиот доајен Љупчо Филипов.

Во образложението за доделување на оваа престижна награда се вели дека на страниците на весникот, кој, за жал, веќе не излегува, секојпат стрипот си го наоѓал своето место. Долга е листата на македонски доајени  на стрипот, кои во весникот „Остен“ го афирмирале својот талент и израз како:  Илија Поповски, Дарко Марковиќ, Дукан Јелен, Љупчо Филипов, Спиро Џајков, Боро Пејчинов, Делчо Михајлов, Ѓуро Варга, Лазо Плавески, Киро Донев, Ацо Палитов, Бобан Пешов…

Стрипот, како начин на изразување,  го наоѓа  своето место и на традиционалната Светска галерија на карикатури, преку посебна категорија и награден  конкурс објавен по тој повод.
Инаку, доделувањето на ова признание е составен дел од активностите во рамки на традиционалниот меѓународен стрип-салон што се одржува во средината на октомври во Велес. Стрип-центар на Македонија“ – Велес како организатор на целокупната манифестација, ова признание  го наменува  за заслужни домашни дејци за развојот и афирмацијата на деветта уметност кај нас. Досегашни добитници на ова признание се: Миле Топуз, Диме Иванов-Димано, Александар Сотировски, Ване Трајков, поранешната групација „Тајфа арт“ – млади автори и подоцнежни основачи на нови стрип асоцијации, Томислав Османли, Дарко Марковиќ, Киро Донев, редакцијата „Детска радост“, Оливер Ромевски и стрип-книжарницата „Бункер“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top