| четврток, 6 декември 2018 |

Новите фискални каси ќе ја намалат сивата економија

fiskalna

Воведувањето на нови фискални апарати со онлајн поврзаност во реално време со УЈП е мерка што значи воведување на нов современ систем за фискализација со понови апарати кои овозможуваат во реално време да се следи готовинскиот промет и извештаите од даночните обврзници – смета вицепремиерот Зоран Ставревски. Тој посочува дека придобивките се големи и за економијата и за даночните обврзници, во насока на поедноставување на постапката и намалување на бројот на даночни контроли.

Штом УЈП ги има информациите во реално време за тоа колкав е дневниот промет на секој даночен обврзник ќе може подобро да ги оцени ризиците, односно каде има сомневање каде лажно се пријавува прометот, или во голема мера се одвива готовински плаќањето, смета вицепремиерот Ставрески.

Според надлежните, ќе се вршат контроли само таму кадешто има индикации дека има помалку пријавен промет. Нема да има потреба ресурсите на УЈП постојано да го прават тоа, туку ќе може потаргетирано да се насочат инспекциите кон оние субјекти каде што има информација дека во одреден период не го пријавуваат прометот како што треба. Даночните обврзници ќе може со помали административни трошоци да го прават ова бидејќи нема да има повеќе хартиени ленти за пријавување на прометот, туку истото се прави на електронска картичка. Целиот промет и трансакциите се одвиваат електронски, и на дневна основа се известува УЈП.

Едноставно се работи за еден посовремен и попрецизен систем на евиденција, со кој ќе се намали сивата економија, а од друга страна ќе се овозможи преку помалку контроли да се постигне истиот ефект и сметам дека тоа е корисно и за УЈП и за даночните обврзници, нагласува Ставрески.

Замената на старите со нови ГПРС фискални каси не претставува трошок за компаниите. Преку даночен кредит, трошокот ќе биде покриен од страна на државата, со цел да не им биде товар на даночните обврзници. Според Ставрески, од една страна дефакто за даночните обврзници нема трошок, а долгорочно гледано, за нив ќе има само заштеди како и овозможување на УЈП порационално да ги користи сопствените ресурси.

Во системот на УЈП веќе има регистрирано над 36 илјади фискални каси со ГПРС. Се очекува до крајниот рок, 31-ви јануари, бројката да достигне меѓу 50 и 55 илјади. За оние кои се уште ја немаат реализирано оваа мерка навреме, роковите нема да се продолжуваат, а казните се високи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top