Албански возачи, што ја поддржуваат опозициската Демократска партија, денеска блокираа улици и патишта во неколку градови во земјата во знак на протест против акцизите кои според нив ги одржуваат високите цени на горивата.
Демонстрантите сметаат дека падот на цените на горивата во светот треба да се одрази и на локалните цени, со што ќе се намалат трошоците на Албанците и ќе помогнат за придвижување на економијата во земјата, која е една од најсиромашните во Европа.
Приклучувајќи се на седумминутната блокада на две улици во Тирана, лидерот на демократите Љуљзим Баша изјави дека акцизите врз горивата во Албанија се двојно поголеми во однос на другите земји во Европа.
– Акцизите се одразуваат директно на лебот на албанските деца и на цената на јавниот и приватен транспорт и ги поткопуваат напорите за излез на земјата од кризата – изјави Баша.
Демократската партија предложи акциза од пет леки на литар гориво во 2011 година и ја зголеми за уште 7 леки во 2013 година. Откако Социјалистичката партија дојде на власт во 2013 година ја зголеми акцизата за уште двапати по 10 леки во 2014 и 2015 година.
Раководителот на парламентарната комисија за економија Ерион Браце, изјави дека цените во Албанија не се највисоките во Европа и фактички се меѓу најниските на Балканот, но призна дека пазарот не функционира слободно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.