Винстон Черчил беше една од најважните фигури во историјата на светската политика. Велика Британија пред и по него, не е веќе иста. И покрај сите заслуги, тој имал и своја мрачна страна.
Благодарејќи на неговата цврста политика за време на Втората светска војна, Велика Британија од земја со скромни шанси, дојде до триумфални победи над нацистите. Но, кариерата на Черчил, инаку офицер во британската армија, историчар, нобеловец и колумнист, не е без мрачни моменти.
Додека бил млад, Черчил бил многу фасциниран со ориентот и исламот. Неговото семејство се загрижило дека тој би можел да премине во другата вера.
Во 30-те години односот на Черчил кон некои нации бил на граница на расизам.
– На Ганди би требало да му се врзат рацете и нозете и да го оставите да лежи на стомак на капиите на Делхи. На грбот ставете му ја круната. Мрзам Индијци. Тие се ѕверски народ со ѕверска религија – велел Черчил за Ганди кога ја почнал кампањата за ненасилен отпор.
За Абориџините и Индијците велел дека се членови на пониска раса.
Кога станува збор за користење на отровниот, смртоносен гас во воените зони, тој бил „за“.
Иако тој бил против системот на Хитлер, сепак, имало нешто што му се допаѓало кај германскиот водач.
– Ако некогаш нашата земја биде поразена во војна, се надевам дека ќе успееме да пронајдеме водач од тој тип, кој ќе има храброст и моќ и во такви околности кај нас да го разбуди националниот идентитет – велел Черчил.
Сер Мартин Гилберт, биографот на Черчил тврди дека и покрај негативните ставови кои Британскиот премиер ги имал за Евреите, тој во некоја рака бил ционист..
– Черчил го поддржувал формирањето на еврејската држава и сметал дека Палестина е совршено место – велел Гилберт.
Светот деновиве одбележува пола век од смртта на Черчил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.