„Шлаканици за добро утро“, „Огромно зголемување на насилството кај децата“, „Децата од страв ретко пријавуваат насилство“, „Секој ден јадевме ќотек со брат ми“, се дел од насловите во дневните весници, кои ве распаметуваат и не ве оставаат рамнодушни. Каде живееме? Како ги воспитуваме децата? Каков човек е тој што со тепање воспитува и дисциплинира деца? Каков е тој крвник што полово малтретира деца? Кому му текнува да објавува фотографии на деца со провокативна содржина и тоа на интернет? Сите овие прашања си ги поставуваме кога ги читаме весниците, кога случајно ќе погледнеме малку телевизија додека со далечинскиот управувач „шетаме“ по каналите или, пак, слушаме приказни од училиште или градинка, кои се прераскажуваат како урбани легенди, а кои, можеби, навистина се случиле.
– Насилници не се раѓаат, насилници се создаваат. Ниту едно дете не се раѓа со чип „биди насилник“. Затоа мора со многу љубов и внимание да ги воспитуваме децата. Сите носиме модел на однесување од нашите родители, баби и прабаби. Во многу ситуации ја препознаваме нашата мајка или баба. Мора да научиме дека не сме одговорни само за нашите деца туку и за идните поколенија.
Одговорното родителство е многу важно и многу е важно системски да се решаваат институционално проблемите – вели Јана Зенговска, психолог и координатор на СОС-телефонот за деца и млади во Првата детска амбасада „Меѓаши“.
Разни видови насилство
Теоријата и практиката препознаваат повеќе видови насилство кај децата: семејно насилство, во кое спаѓаат физичко, психичко насилство и негрижа врз дете што подразбира незадоволување на потребите на децата, потоа сексуална злоупотреба, питачење, интернет-злоупотреба или насилство, која може да биде сексуална и психолошка. Практиката вели дека постои насилство во воспитно-образовни институции, кое може да биде физичко и психичко насилство и кое постои на релации наставник-ученик и ученик-ученик.
Под физичко насилство се подразбира секаква физичка казна, тепање, штипење, удирање шлаканица, кубење, сѐ што може да предизвика физички видливи последици, модринки, рани, скршени коски.
Под психолошко насилство се подразбира секоја навреда, омаловажување, кажување вулгарни зборови, давање епитети, животински имиња, кои имаат за цел да го дисциплинираат детето со тоа што ќе го навредат.
– Критиката во психолошкото насилство подразбира омаловажување на личноста на детето. Треба да се критикува однесувањето, а не детето. Тука правиме разлика, кога родителите се обидуваат да го дисциплинираат детето тие сметаат дека ако на детето му кажат навредливи зборови, како на пример „стоко“, „свињо“, „кретен“, „идиот“, „глупав“, „глупак“, „неспособен“ ќе го подобрат однесувањето на детето. Но, тие не го критикуваат однесувањето, туку ја критикуваат неговата личност. Кај психолошкото насилство не се веднаш видливи последиците и кај нас владее мислење дека нема проблем доколку некој така се однесува со децата. Психолошкото насилство не е видливо и е тешко докажливо. Навредата го нарушува оптималниот пораст и развој на детето и дава далекосежни последици во развојот на детето како личност – обајснува Зенговска.
Психолозите велат дека ваквото однесување на возрасните кај децата остава сериозни траги. Тоа дете понатаму има ниска самодоверба и може да поверува дека е вистина тоа што го зборуваат возрасните. Ако некој родител постојано своето дете го нарекува со погрдни имиња, тогаш тоа ќе поверува дека е такво. Иако го знае одговорот за некои работи, ќе си премолчи, ќе каже работа што не е реална и не е соодветна на поставеното прашање. Тоа не е резултат дека детето има ниска интелигенција или дека не го разбира прашањето, туку тоа е резултат на долгогодишна психолошка тортура и омаловажување на мислењето на детето велат психолозите.
– Затоа, родителите како одговорни за децата, мора да внимаваат кои зборови ги користат и каков впечаток оставаат. Кога сакаат да ги дисциплинираат децата, мора да тргнат од себе и однесувањето што сакаат да им го пренесат на децата, мора да го покажат и да го практикуваат. Поставувањето на границите во родителството се многу битни и потребни за да научи детето како да се социјализира. Децата сакаат да се чувствуваат големи и треба да им се даде избор – вели Занговска.
Првата детска амбасада „Меѓаши“ регистрирала дека во 2012 година 106 деца биле жртви на физичко и на психичко насилство. Јавувањата доаѓаат преку СОС-телефонот, потоа лично во „Меѓаши“, преку страниците на социјалните мрежи, потоа преку електронска пошта. Иако овој телефон е за деца, од вкупно 397 случаи само 27 деца собрале храброст да се јават и да пријават насилство. Другите биле возрасни.
Љубов, гушкање, внимание, конструктивна критика
За едно дете да израсне во здрава личност треба многу љубов, гушкање, внимание. Само така децата ќе се сеќаваат на своите родители. Живееме во време каде што ни е загрозена егзистенцијата, но мора, и тоа малку време што го имаме, да им го посветиме на децата. Домашните обврски некогаш може да почекаат.
– Децата нема да се сеќаваат дали мајката редовно им готвела ручек, но ќе се сеќаваат дали родителите играле со нив, дали цртале, дали се прошетале – смета Занговска.
Но, некогаш родителите, со цел да не го направат невротично детето, прават грешки и преминуваат во други граници и тогаш станува збор за попустливо родителство. Тогаш децата не се дисциплинираат, немаат граници, немаат самодоверба, не се самокритични, не можат да се снајдат во реалноста. На тој начин детето се хендикепира со тоа што премногу му се дозволува.
– Ако сме премногу критични и нереални во критиката, пак правиме невротична личност, која во времето на пубертет може да пројави одредено девијантно однесување – сугерираат психолозите.
Не си „ин“ ако немаш профил на „Фејсбук“
Во последно време злоупотребата на интернет е многу актуелна. Родителите мислат дека ако им отворат профил на „Фејсбук“ на своите деца се многу либерални и приспособливи родители. Според мислењата на психолозите, децата нема што да бараат таму, но кога веќе имаат свој профил, треба да знаат да го користат правилно и да знаат како да се заштитат. Децата не треба да се чуваат во „стаклено ѕвонче“, мора да ги научиме сами да се бранат од негативните влијанија и да оспособат за самостоен живот.
– Сведоци сме дека се поставуваат вулгарни фотографии каде што децата си ја разголуваат душата и интимни делови, каде што интимните искуства ги споделуваат со група пријатели, кои понатаму споделуваат со други непознати. Таму се изложени на потмсев, критики, омаловажување, некои и на охрабрување.
Имавме случај кога на интернет се постави фотографија на разголено девојче. Проблемот е зошто децата посегнуваат по такво нешто. Зошто имаат езгибиционистичко однесување? Зошто ја разгоруваат својата интимност? Зошто сметаат дека се толку слободоумни и директно зборуваат за своите сексуални искуства без да се заштитат и без да знаат што значи тоа за нив, дека ги прави многу поприфатливи, поприспособливи, поотоврени –раскажуваат во првата детска амбасада „Меѓаши“ за искуствата што ги имале со злоупотребите на интернет.
Се зголемува довербата во СОС-телефоните за помош
На СОС-телефонот за деца и за млади во текот на 2012 година се регистрирани 397 контакти од кои подоцна дополнително сме комуницирале 959 пати. Вкупниот број деца опфатени во пријавените случаи е 587. Кај децата што се јавуваат карактеристично е тоа што на СОС-телефонот се имаат обратено двојно повеќе девојчиња, отколку момчиња. Од „Меѓаши“ забележуваат дека е зголемена довербата од страна на тие што се јавиле и побарале помош, а радува фактот и тоа што тие што веќе еднаш побарале помош го продлабочиле контактот преку посета на „Меѓаши“ со дополнителни средби и контактирања преку СОС-телефонот и електронската пошта.
Полесно е да се обвинуваат помалку образованите и сиромашни семејства дека кај нив има насилство. Насилството се случува секаде. И граѓаните треба да знаат дека треба да пријават насилство кога ќе го видат или препознаат.
– На секое јавување ние реагираме преку институциите. Многу е важно системски
да се решаваат институционално проблемите. Во одредени случаи има целосна нефункционалност на институциите. Центарот за социјална работа мора брзо и стручно да реагира или во другите институции каде што ќе стигне проблемот – велат од „Меѓаши’.
– Генерално, како народ, многу ретко пријавуваме насилство. Мислиме дека тоа е обврска на некој друг. Одбираме да не се мешаме или мислиме дека тоа е работа на институциите. Граѓанска одговорност е да пријавиме насилство. Ако не го пријавиме, тоа не прави соучесници. Можеби не веруваме дека системот ќе не заштити – смета Зенговска.
Таа сугерира дека е потребно да се учи мировно образование со цел да се зголеми свеста дека живееме во мултиетничко општество во кое се прифаќаат различностите. – Мора да прифатиме дека е сменето времето во кое живееме. Ако тоа не го прифатиме, ќе имаме проблем – завршува Зенговска.
Пишува: Александра Мазнева – Бундалевска
Фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.