– Станува збор за егзотично овошје кое е многу барано на американскиот пазар. Македонската почва одговара за одгледување на индијанската банана, која може да се сади масовно. Со оглед на тоа дека има можност целата произведена количина на плодовите да се пласира, тоа значи дека и заработката е гарантирана. И индијанската банана, како и другите егзотични овошја, е високодоходовна култура поради што ние сме заинтересирани за нејзино масовно производство на нашата почва – вели Владимир Милановиќ од фирмата „Милановиќ“.
Тој со својата сестра Даринка Милановиќ одгледува повеќе видови егзотични растенија, кои, според нив, даваат одлични производствени резултати, со сигурна заработка.
– Нормално дека во производството треба и да се вложи, преку инвестирање во расад, ѓубриво и во наводнување, но инвестицијата се враќа многу брзо, со оглед на тоа дека станува збор за скапи плодови кои се бараат на пазарот – додава Милановиќ.
Индијанската банана е многу лековита. Најдобро е плодот да се консумира суров, во целосна зрелост, а тогаш плодот е со тропски, сладок, сочен овошен вкус и цветен мирис. Кората на плодот е тврда и зелена, а при зреењето станува жолта и црвена. Кога плодот ќе се пресече, во внатрешноста се наоѓа месо со беложолта боја, кое е меко и слатко, содржи многу витамини, минерали, аминокиселини, особено калциум и железо, и има голема енергетска вредност. Во плодот се наоѓаат два реда кафени семки со должина и до 3 сантиметри. Семките го содржат алкалоидот еменик, па ако се џвакаат, влијаат врз варењето кај цицачите, но ако се проголтаат цели, семките само поминуваат низ системот за варење.
Кога се целосно зрели, плодовите може да се чуваат на собна температура околу два дена, додека во ладилник може да се чуваат една седмица. Ако плодовите не се целосно зрели, може да се чуваат околу две седмици. Примарната намена на плодот е да се консумира суров. Може да се користи како додаток во разни слатки десерти, како и за готвење или за печење, овошни напитоци и салати, сладолед итн. Поради своите антиканцерогени својства, многу е баран како суво овошје или ладноцеден сок.
Листовите и гранчињата ја содржат активната материја асимицин која е антиканцерогена и се користи за производство на лекови против рак.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.