| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува Светскиот економски форум во Давос

Околу 2.500 политичари и бизнис лидери и 40 шефови на држави и влади ќе се соберат од денеска до 24 јануари во Давос, Швајцарија, на форумот „Нов глобален контекст“, каде ќе разговараат за бројни теми – од цените на нафтата до прашања за иднината на Интернетот.

Овогодинешниот економски форум се одвива во услови на немири, но и под засилени безбедносни мерки по нападите во Париз, потенцијалната одлука на Европската централна банка да покрене програма за откуп на обврзници и рекорден скок на вредноста на швајцарскиот франк.

Бизнис лидерите се песимистични во поглед на потенцијалите за економскиот раст во 2015, покажа анкетата на консултантската куќа „PricewaterhouseCoopers“ (PwC), во пресрет на денешниот почеток на Светскиот економски форум во Давос.

PwC анкетираше 1.300 бизнис лидери во пресрет на форумот во Давос, а нивните одговори се во согласност со проценките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој вчера значително ги намали прогнозите за растот на светската економија за 2015/2016, со образложение дека пониските цени на нафтата не помогнале во неутрализирање на сеприсутната слабост ширум светот.

Триесет и седум испитаници навеле дека очекуваат јакнење на светската економија во наредните 12 месеци, во однос на 44 отсто од минатогодишната анкета.

Освен тоа, 17 отсто бизнис лидери веруваат дека економијата во оваа година ќе назадува, во однос на седум отсто од претходната анкета.

САД првпат во последните пет години се најдоа пред Кина како земја за која испитаниците веруваат дека ќе обезбедат најголем поттик на светската економија во претстојните месеци.

Меѓу учесниците на форумот се германската канцеларка Ангела Меркел, кинескиот премиер Ли Кечијанг, државниот секретар на САД Џон Кери, како и водечки менаџери на најголемите светски корпорации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top