| четврток, 6 декември 2018 |

МОБ се подготвува за „Мајски оперски вечери“

mob_sala

Годинешното издание на манифестација „Мајски оперски вечери“ ќе презентира три опери од Џузепе Верди, по една од Жак Офенбах и Гаетано Доницети, и една балетска претстава. Вечерите ќе бидат отворени, традиционално, на 9 мај со премиера на познатата опера „Хофманови приказни“ од Офенбах, чие либрето е инспирирано од кратките раскази на Ернст Теодор Вилхелм Хофман. Освен „Хофманови приказни“, ќе бидат изведени и оперите „Травијата“, „Атила“, „Лучија од Ламермур“, „Аида“ и романтичниот балет во два чина „Жизел“ од францускиот балетски и оперски композитор Адолф Адам.
Уметничкиот директор на Операта, Александар Kотевски, најавува дека со пробите за „Хофманови приказни“ почнуваат идниот месец. Претставата ќе ја режира Урсула Хорнер од Австрија, сценографијата ќе ја работи Мaрија Ветероска, а костимите Марија Пупучевска. Диригент ќе биде Најден Тодоров од Бугарија.
– Во претставата има 18 улоги и ќе се користи нашиот театарски потенцијал. За останатите претстави, минимум половина од кастингот ќе бидат гости од странство – вели Kотевски.
Од Операта за Мајските вечери планираат да донесат оперски пејачи кои досега не настапувале кај нас. Kотевски вели дека наскоро ќе ја комплетираат листата со солисти кои ќе настапат на манифестацијата.
– Некои пејачи, како, на пример, Руди Парк, кој минатата година го играше Kалаф во „Турандот“, не можеме да ги викнеме во тековен репертоар бидејќи се исклучителни гласови, но и тешко се букираат. Такви гласови не сме во можност често да ги носиме овде. За „Мајски оперски вечери“ секогаш имаме поголем буџет и се обидуваме да постигнеме максимум со луѓе кои досега публиката не ги гледала на нашата сцена – додава Kотевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top