Оваа година за разлика од претходните крстот ќе се фрла во осветените езерски води од најистурениот дел на Градското пристаниште, а за безбедноста на верниците што ќе влезат во вода ќе бидат ангажирани 10 спасувачки екипи на Црвениот крст.
Прославувањето на големиот верски празник Свети Јован Крстител на самиот ден на празникот, почнува утре рано изутрината со богослужби во сите парохиски цркви во Охрид освен на Плаошник. Во 9 часот Централната црковно-народна манифестација се префрла на Градското пристаниште во Охрид, каде ќе се одржи и главниот настан – фрлањето на Светиот крст и осветувањето на водите на Охридското Езеро. И оваа година предвидено е да биде спроведено и масовно крштевање во осветените води на Езерото, во 14 часот кај месноста Сараиште.
За сите гости во центарот на Охрид на штандови бесплатно ќе се служи вино, топла ракија, пифтии, пржени плашици.
Оваа година кумови се Зоран Милевски и Жељко Јоксимовиќ. Јоксимовиќ рече дека се чувствува како охриѓанец, а поради кумството веќе добива и протекции.
–По светата литургија се чувствувам уште повеќе како охриѓанец. Синоќа имав „ситуација“ кога доаѓавме наваму. На граница застанав во редот каде пишуваше „Само за жители на Македонија“. Прашав дали може да поминам тука, на што следеше одговор: „Куме како не може, ти си наш влегувај!“-низ смеа ја раскажа анегдотата Жељко Јоксимовиќ.
фото: „Охрид њуз“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.