| четврток, 6 декември 2018 |

Посетата на Давутоглу на Брисел треба да ги намали разликите меѓу Турција и ЕУ

davit

Турција и Европската унија се обидоа да ги намалат своите разлики за време на вчерашната посета на турскиот премиер Ахмет Давутоглу на Брисел, соопштија британските медиуми.

Давутоглу предложи поголема соработка во борбата против Исламска држава и изјави дека Турција е подготвена да работи со ЕУ во сите области.

Европратениците изразија загриженост за слободата на медиумите во Турција откако обвинителите почнаа истрага против турскиот весник „Џумхуриет“, кој неделава препечати делови од францускиот сатиричен магазин „Шарли ебдо“.

Истанбулското обвинителство ја почна истрагата против весникот затоа што во средата објави делови од последниот број на францускиот магазин „Шарли ебдо“ како знак на солидарност кон карикатуристите и уредниците, кои беа убиени во Париз минатата недела.

Во декември ЕУ ѝ забележи на оваа земја која е кандидатката за членство за полициските акции против медиумите, но претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, на својата средба со турскиот премиер Давутоглу избегна директна критика за оваа тема.

– Ние може да имаме различни мислења за карикатурите на „Шарли ебдо“. Сигурен сум дека и некои луѓе во ЕУ, исто така, не се согласни со нив. Но, ние ќе го штитиме нивното право да го кажат тоа што го сакаат. За Европа тоа е прашање на фундаментални вредности – изјави Туск по својата средба со Давуоглу.

– Процесот на приклучување на Турција останува главната рамка на нашите односи – додаде претседателот на Европскиот совет, а Давутоглу изјави дека се надева на посилен импулс за процесот што долго време се наоѓа во ќор-сокак.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top