| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски на средба со менаџментот на индиската болница „Аполо“, можност за инвестирање во земјава

Apolo Hospital (1)

Премиерот Никола Груевски денеска, во рамки на посетата на Индија, оствари неколку поединечно средби. Тој се сретна и со менаџментот на болницата Аполо, која во Индија е најреномираната болница и има над 50 големи медицински центри.

Остваривме средба со компанија која што ги има најсилните и најдобрите болници овде во Индија. Тоа е компанија која во Индија се занимава и со спа-центри. Нивните болници имаат највисоки достигнувања и највисока соработка со најпознатите болници во светот во областа на медицината и во различни области кои се поврзани со роботиката во медицината. Со нив разговаравме за можности да отворат во иднина болница во Македонија особено во новите здравствени зони, а пројавуваат интерес и за бањскиот туризам – истакна премиерот Груевски.

Финансискиот директор на Аполо болниците, Ени Мари Монкури истакна дека Аполо е најголемата здравствена установа која овозможува здравствена грижа. Истакна дека менаџментот е заинтересиран за можноста за соработка и инвестирање во повеќе области во Македонија, при што ги потенцираше областа на здравствената заштита, размената на доктори, и инвестициите во спа-центри.

Apolo Hospital (2)

-Имаме 50 болници и опслужуваме 1500 пациенти дневно. Лидер сме во хирургијата и трансплантација. Многу сме возбудени од можностите кои Македонија ги презентира. Прекрасна локација е, а Владата е насочена кон иднината, и се радуваме за можноста да соработуваме на секој можен начин. Извршниот директор г-ѓата Питерети денеска се согласи на размена на доктори и физичари кои ќе вежбаат роботика во нашите центри. Аполо е посветена кон развивање и на спа-центри и здравствена заштита проширувајќи се низ светот – изјави директорот Монкури по средбата.

Премиерот Груевски оствари средба и со повеќе други менаџери на компании кои се заинтересирани за можностите за инвестирање во Република Македонија, а чија цел е отворање на нови работни места. Тој се сретна и со претседателот на Инвестицискиот фонд во Индија и директор на Коптал Партнерс Груп, Чакри Локаприја.

Мислам она што го создаде македонската Влада е феноменална инфраструктура и одлични услови како и добра даночна политика и создадени различни инвестициски зони. Затоа мислам дека ќе привлечете капитал и други компании кои ќе инвестираат. Македонија е земја која се развива, економијата се развива брзо, и имате потреба од различни големи компании, а истовремено завршивте голема работа отворајќи економски зони -истакна Чакри Локаприја.

Премиерот Груевски и владината делегација во текот на денот ја продолжува својата посета на Република Индија при што ќе престојува во градот Калкута, каде ќе оствари повеќе средби со компании и ќе го посети меморијалниот центар Мајка Тереза.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top