По ослободувањето од затвор на Вранишковски на 19 јануари, најверојатно поглаварот на МПЦ-ОА ќе свика седница на Синодот на која ќе биде донесена одлука за отпочнување разговори со СПЦ со медијаторство на Руската православна црква, најави митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски Петар во интерву за програмата „Гласот на народот“ на ТВ Сонце.
– Сметаме дека Руската православна црква ќе одговори позитивно на нашето барање да посредува во решавањето на спорот околу статусот на нашата црква, рече владиката Петар.
Прашан дали со ослободувањето на Вранишковски состобите меѓу СПЦ и МПЦ ќе мрднат од статус кво ситуацијата, митрополитот Петар вели дека лично смета оти ќе нема поместување во релациите меѓу двете цркви, без интервенција или медијација на Руската православна црква.
– Тоа го велам од досегашното искуство што го имаме со СПЦ, особено со некои членови од комисијата за разговори на СПЦ со нашата црква. Членовите на комисијата беа толку упорни да не се отстапи ништо од она што е предмет за решавање на спорот, туку дури и за ретроактивно враќање на состојбите пред 1958 година, кога ние всушност се здобивме со самостојност, а таа одлука од страна на СПЦ е доставена до МПЦ. Во таа одлука се вели дека СПЦ, односно Уставот на СПЦ, нема важност за епархиите во тогашната НРМ, а тоа значи дека ние ќе се раководиме согласно Уставот на нашата црква кој беше донесен на Црковно-народниот собор во 1958 година, кога беа избрани и првите архиереи, кои го сочинуваа Синодот на МПЦ и првиот архиепископ на обновената Охридска архиепископија на МПЦ блаженоупокоениот г. Доситеј. Меѓу другото, во таа наша соработка меѓу двете цркви, српскиот патријарх во тој период се потпишуваше на сите документи, што се доставуваа до нашата црква, како патријарх на српската и македонската црква, и како патријарх српско македонски, односно на српскиот и македонскиот народ, истакнува г. Петар.
Појаснува дека проблемот настанал кога српскиот патријарх во 1965 и 1966 година престанал да се потпишува како српски и македонски патријарх, на двете цркви српска и македонска црква.
– Тоа предизвика да се свика Црковно народен собор во 1967 година, којшто СПЦ го искористи како можност да не обвини кај другите помесни православни цркви дека сме прогласиле еднострана автокефалност и оттогаш се нарушија тие односи меѓу двете цркви. Би сакал да нагласам дека ние практично дотогаш делувавме како самостојна црква, што подразбира: ниту извршната власт припаѓаше на српската црква ниту пак законодавната власт беше српска. Српските црковни судови не функционираа и не беа надлежни над нашите архиереи, вели митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски.
Владиката Петар смета дека надминувањето на овој проблем ќе биде тешко без посредништво на Руската православна црква или на некоја друга православна црква. Забележува и на некоректноста односно непочитувањето од српска страна на веќе постојните оригинални документи кои ги поседуваат двете страни, а се однесуват околу признавањето на уставното име на Македонија и на црквата.
– Токму тоа ми дава за повод да го кажам ова што претходно го истакнав, а тоа е: имајќи го искуството на дел од членовите на комисијата на СПЦ, кои се потрудија дури да му подметнат фалсификат документ на блаженоупокоениот српски патријарх Павле, да потпише дека наводно во Предлог Нишката спогодба стоело во преамбулата дека нашата држава е ПЈРМ, и покрај тоа што во оригиналите што и двете страни ги поседуваме, мислам на СПЦ и МПЦ, јасно стои Република Македонија. Кога тие најдоа за потребно на Архиерејскиот народен собор да му подметнат да потпише на српскиот патријарх фалсификат документ на кој ќе стои ПЈРМ, се виде дека се служат со крајно недозволиви средства за понижување и на нашата држава и на нашата црква. Оттаму не сум расположен дека ќе се изнајде некое поволно решение без посредство односно медијација на друга црква, односно во конкретниот случај на Руската православна црква. Но, дај боже да тргнат работите на подобро да се покаже вистинска православна христијанска љубов кај тие наши браќа по вера, па да тргнеме од една позиција која е најприфатлива за двете цркви, што е всушност и став на двете комисии од 1992 на средбата одржана во црквата на Пресвета Богородица во Калишта, Струга. Таму се донесе заеднички став за сослужување на архиереите и свештенството, ѓаконството на двете цркви, да имаме разбирање за едно заедничко богослужение, една љубов да развиваме и градиме доверба меѓу себе и се до оној момент додека само по себе не дојде признавањето де јуре, односно со одлука од страна на Вселенската патријашија, односно Вселенскиот патријарх Вартоломеј како првопрестојател на православните цркви. Се разбира дека со конкретниот случај тоа барање би требало да го поднесе СПЦ, потенцира владиката Петар во интервјуто за програмата „Гласот на народот“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.