| четврток, 6 декември 2018 |

На Вранишковски му конфискувале речиси пет милиони денари во полза на МПЦ

Со правосилна пресуда на расчинетиот владика Јован Вранишковски кој се очекува на Водици да излезе од затвор, му биле конфискувани вкупно 4 940 400 денари и недвижен имот во Нерези со површина од вкупно 4859 м2 во полза на Македонската православна црква, соопштуваат од Јавното обвинителство, објави „Макфакс“.

-Имајќи во предвид дека осудениот издржал повеќе од половина од затворската казна на која е правосилно осуден, а штетата која била причинета со дејството на Јован Вранишковски за која е правосилно осуден е надоместена, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција смета дека се исполнети законските услови спрема осудениот Јован Вранишковски да се примени институтот Условен отпуст, соопштуваат од Обвинителството.
Вранишковски е осуден на три години затвор, а неговите приврзаници добија условни казни за перење пари преку здружението „Анастасија“.
Тој претходно е осуден за затајување на 250.000 евра од МПЦ, а актуелното обвинение го сомничи дека парите ги делел на свои приврзаници, кои ги донирале во здружението, а потоа купувале имоти.
-Осудениот Јован Вранишковски е правосилно осуден на единствена затворска казна од пет години и пет месеци. Досега издржал вкупно 36 месеци затвор, што значи дека издржал половина од затворската казна на која што е правосилно осуден. За време на издржувањето се однесувал примерно и го почитувал куќниот ред  во затворот, при што ги извршувал и работните обврски, се вели во соопштението од Обвинителството.
Ослободувањето на Вранишковски се случува во време кога сè позачестени се информациите за обновување на дијалогот меѓу Македонската православна црква-Охридска архиепископија(МПЦ-ОА) и Српската православна црква(СПЦ), околу статусот на МПЦ-ОА.
Неодамна во Македонија во посета беше и владиката на Руската православна црква Иларион, кој имаше средби со македонскиот политички, но и црковен врв, како и со Вранишковски.
Подоцна МПЦ-ОА побара милост за Вранишковски, но неговото име не се најде на списокот на помилувани лица од страна на претседателот Ѓорге Иванов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top