| четврток, 6 декември 2018 |

Инфраструктура за пат на конкурентноста

avto1Македонија да се приспособи на новонастанатите состојби во интегрираната сообраќајна мрежа и да не настапува по секоја цена со проекти што биле атрактивни пред десет или 20 години. Потребен е интензивен настап со проекти со кои наскоро ќе се подобри патната инфраструктура, што е клучно барање на деловната заедница за брз и ефикасен транспорт во интерес на конкурентноста. Тоа се дел од оценките на конференцијата „Конективна Европа – одговор од ЦЕФТА регионот“ организирана од Стопанската комора на Македонија.

– Не треба да останеме на некои проекти што се долгорочни,  а за  чија реализација се променија многу услови во регионот. Македонија уште тапка со тие идеи, а во опкружувањето се случија многу работи. Мора да се приспособиме на новонастанатите  состојби во интегрираната сообраќајна мрежа, изјави Вулнет Палоши, професор  по инфраструктура на Државниот универзитет во Тетово. Железницата, според него, е проект што можеби ќе заживее по 20 години затоа што не може да се скрати процедурата за подготвување студии за оправданост.

Тобијас Бауман од Германската трговска комора рече дека квалитетната инфраструктура е многу важна за германските и за останатите инвеститори. Покрај политичката стабилност, географската близина до клучните европски пазари, трошоците за производство и административните процедури,  укажува Бауман,  во услови на сѐ посилна конкуренција, транспортот и логистиката се голем предизвик.

Мартин Клауке, од делегацијата на ЕУ, смета дека  меѓу најважните проекти е довршувањето на Коридорот 10. ЕУ  ќе продолжи со поддршка на проекти преку ИПА, а веќе се користат 130 милиони евра за различни проекти претежно во областа на железничкиот и патниот сообраќај за коридорите 8 и 10.

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, порача дека Владата останува да инвестира во модерен, безбеден, добро одржлив и интегриран транспортен систем, приспособен на потребите на земјата и на регионот. Тој ги претстави досегашните и идните активности на тој план посочувајќи дека на Коридорот 10 веќе се гради последната делница за заокружување на автопатското решение, што ќе биде завршено до 2016 година. Се работи и на проекти за изградба на патиштата на Коридорот 8, каде што се завршени 36 проценти од патната инфраструктура на ниво на модерен автопат. Паралелно со тоа, како што рече, веќе се работи и на подобрување на железничкиот транспорт и инфраструктура за поврзување со Бугарија и со Албанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top