Православните христијани во Македонија денеска го слават Рождеството Христово-Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуват божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи Златоустова литургија.
По повод Божик, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди! во кое се вели:
Кога Господ Исус се роди од Света Дева, се просветли вселената…
зашто Бог – Спасителот на нашите души, се јави во тело.
(Од Божикната вечерна служба)
Возљубени чеда во Господа,
Денес целокупното Божјо создание, чијашто круна е човекот, празнува и се радува, прославувајќи го рождеството на Синот Божји. Во историјата немало друг настан што бил толку долго најавуван и што со толкав копнеж се очекувал. Старозаветната подготовка за Христовото доаѓање имала за цел да изнедри личност, којашто од името на целото човештво ќе Му даде потврден одговор на Бога, односно согласност за остварување на првобитната Негова волја и замисла за човекот и светот. Прифаќањето од страна на човечкиот род било неопходно, затоа што Господ ја почитува слободата како скапоцен дар што Самиот го дал. Личноста, преку која се реализирал Божјиот план за спасение, била Пресвета Богородица. Поради нејзината надангелска чистота, Отецот благоволил, преку Светиот Дух, таа да Го роди Спасителот на светот. Со нејзиниот одговор кон испратениот при неа архангел Гаврил – Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според зборовите твои (Лк. 1, 38), Пречистата Дева Марија, од името на сето човештво, Му дала согласност на Бога за реализирање на планот за спасение.
Оваа тајна на единството помеѓу Бога и човекот е основната цел на нашето постоење. Христос е Синот Божји, Кој во Својата личност ги соедини Божјата и човечката природа, овозможувајќи ни на сите учество во таа нераскинлива заедница. Токму поради ова, секој Христов збор и секое Негово дело имаат спасоносна порака и цел. И пред и по Неговото доаѓање имало личности кои во име на различни идеали проповедале некакви вредности, но ниту еден не ги имал силата и значењето на зборот и делото, како што тоа го имал и го има Богочовекот Христос. Причина за тоа е што во личноста на Синот Божји неразделно и неслиено се соединети Божествената и човечката природа.
Возљубени во вечниот Богомладенец,
Секогаш и насекаде, пред сè, треба да имаме и да покажуваме благодарност кон Бога за Неговата неизмерна љубов кон нас. Ние немаме со што соодветно да Му возвратиме на Бога, освен со постојаност во верата, потврдена со дела (сп. Мат. 5, 16), и преку љубовта кон Него и кон сите луѓе. Свети Јован Златоуст нè поучува: „Ние не можеме никаква награда да Му дадеме на Бога, освен да ѝ се предадеме на добродетелта. Затоа, да не бидеме неблагодарни, туку сите, колку што можеме да Му принесуваме вера, надеж, љубов, разумност, милостивост и гостољубивост“. Со крштевањето сме станале членови на Црквата, отфрлајќи го стариот човек и раѓајќи се за обновен живот во Христа. Но не е доволно човек само да се роди, туку треба да се храни и да работи за да живее и да напредува. Духовно живееме и растеме преку учество во светотаинскиот и подвижничкиот живот на Црквата, чијашто Глава е Самиот Господ Исус Христос. Црквата е историски ентитет, земна и видлива реалност – продолжеток и полнота на воплотениот Син Божји; таа е заедница на човекот и на севкупното создание со Бога, односно таа е род избран, народ свет, народ придобиен (1. Петр. 2, 9). А центар на тоа единство, кое се остварува преку Светиот Дух, е Господ Исус Христос.
Секое, пак, добро дело и секоја добра и благословена мисла, имаат позитивно и конструктивно дејство врз целата црковна заедница. Никој не може да биде христијанин како поединец, туку во заедница со сите коишто се вкоренети и утврдени во Христа (Колос. 2, 7), коишто преку еден Дух се крстени… и во еден Дух се напоени (1. Кор. 12, 13). Ниту сме создадени сами за себе, ниту, пак, можеме индивидуално и изолирано да ја постигнеме целта на нашето постоење. Најдобар израз на тоа единство е Божествената литургија. Учествувајќи во неа, ние не постигнуваме само лична заедница со Бога, туку причестувајќи се со Христовите Тело и Крв, во заедница сме со сите православни христијани, без разлика на местото на живеење. Меѓутоа, неопходен услов за учество во светите тајни на Црквата е љубовта кон ближниот и грижата за него. Грижејќи се еден за друг, ние, всушност, се грижиме за целата Црква.
Возљубени чеда на мајката Македонска Црква,
Како членови на Црквата, должни сме да ја сакаме и да се грижиме за неа. Најнапред тоа го покажуваме преку запазување и исповедање на чистата и неосквернета православна вера, а потоа и преку грижата за конкретната црковна заедница на која ѝ припаѓаме. Православните христијани во Република Македонија се чеда на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, па затоа сите сме повикани да даваме придонес за нејзиниот углед, благосостојба и напредок. Таа не припаѓа само на свештенослужителите, туку на целиот православен народ. Низ историјата, нашите предци ни оставиле пример како треба да се грижиме за нашите светињи. Секој камен вграден во нашите храмови е принос и придонес на православниот Македонец за Бога и за Црквата. Затоа и насилното уривање на тој камен и на сè што ѝ припаѓа на светињата, би значело газење и понижување на верата и на достоинството на оној на кој истите му припаѓаат. Целта на таквото однесување е уништувањето на христијанските основи врз кои постоиме и опстојуваме. Колкаво е значењето на посветеноста и на грижата кон црквите и манастирите, покажува и молитвата, која на секоја Литургија Му ја упатуваме на Господ молејќи Го да ги освети оние кои го љубат благолепието на Неговиот дом.
Благолепието на храмовите и на манастирите е израз на духовната убавина на народот што ги создал и што се грижи за нив. Колку што расте љубовта кон Бога, толку повеќе расте и желбата за градење и за чување на богослужбените места, во кои се собираме за да го изразиме нашето единство во Христа Господа. Христијанската вера е најдлабокиот корен врз кој со векови расте и живее православниот народ во Македонија. Сите цивилизациски вредности сме ги постигнале како нераскинлив дел од Црквата: и писменоста, и културата и уметноста. Наша света должност е да го продолжиме тој пат, но и на идните генерации да им укажеме и да им оставиме пример за тоа кој е начинот за напредок и благосостојба на општеството во кое живееме.
Возљубени празникољупци,
Нашиот православен народ е цврсто приврзан кон својата мајка – Македонската православна црква. Така било во сите периоди: и во славните времиња и во ропствата и туѓите владеења; така било и по забраната да делува како самостојна помесна Црква. Приврзаноста кон својата духовна мајка, нашиот народ ја потврдил и со постојаните обиди да ја возобнови древната Охридска архиепископија како своја Македонска православна црква, што нашите претходници успеале да го направат на Црковно – народниот собор во Охрид, во 1958 година. Благодетите од тој историски чин се почувствувале не само во Република Македонија, туку и меѓу иселените Македонци по светот. Тие придобивки постојано се намножуваат, потврдувајќи дека Црквата била и останува еден од најцврстите столбови на македонското опстојување. Оттаму, на овие и на идните наши потомци им останува аманетот да се грижат, да го чуваат и надградуваат делото на нашите постари, останувајќи верни на верата без која не може да Му се угоди на Бога (Евр. 11, 6). Во ова време на изгубени вредности, да се погрижиме да ги зачуваме сакралните реткости и убавини. Нашите цркви и манастири постојано ги демнат најразлични противници и непријатели, криминалци и крадци, и тоа со единствена цел – наштетувајќи ѝ на нашата света Црква со бришењето на духовното богатство на нашиот народ, да го уништат и нашиот национален и духовен континуитет и опстој.
Во оваа прилика, исто така, повикуваме на потребата да го чуваме и градиме мирот и единството меѓу нас самите, и овде во Татковината и насекаде каде што нè има по светот, како во Црквата, така и во сите македонски средини и заедници. Бидејќи само единствени, само кога сме заедно, можеме подобро и посигурно да одговориме на сите предизвици и искушенија.
Новородениот Богомладенец нека помага во нашите души и срца постојано да се раѓа радоста од спасоносниот настан во Витлеем, радоста со која се зарадува светот и која е наменета за сите луѓе (Лука 2, 10). Амин! Христос се роди!, се наведува во Божикното послание на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст