Анадолија АА – Сараево
Експертите од регионот ги анализираа економските прилики во земјите на Западен Балкан во текот на годината која е на крај и ги изнесоа своите очекувања за 2015 година.
Неповолниот деловен амбиент и поплавите кои погодија голем дел од Босна и Херцеговина ќе се одразат на загубата и во БДП во 2014 година. Шестмесечната политичка криза влијаеше на негативната економија на Косово. Падот на куповната моќ во регионот се одрази и на Црна Гора. На Хрватска ќе и треба многу политичка волја за постигнување на национален консензус за спроведување на економските реформи, додека на Србија идната година и се заканува банкрот ако владата не повлече одлучни реформски потези, сметаат аналитичарите, јавува Агенција Анадолија АА.
– Поради политичката неизвесност, лошата деловна клима, сивата економија, изразената корупција, целосниот застој во економските и структурните реформи, застојот на патот кон ЕУ, во смисла на исполнување на обврските по основ на Договорот за стабилизација и приклучување, економијата во БиХ сноси огромни последици – смета професорот по економија и економски аналитичар Дуљко Хасиќ.
Критична стапка на невработеноста
Тој додава дека голем проблем претставува и стапката на невработеност која достигна критична граница од над половина милион луѓе. Клучен проблем за државата и во следниот период ќе биде заминувањето на младите во странство.
– Од 1 јули 2013 година БиХ се наоѓа во исклучително тешка состојба по прашањето за извозот. Не успеавме да обезбедиме соодветни услови и примена на стандардот кога е во прашање системот за контрола на квалитетот за клучните групи на производи како млекото и млечните производи, месото, преработки од месо, пилешко, јајца. По тој основ БиХ на годишно ниво изгуби околу 200 милиони марки – рече овој експерт.
Посебен проблем е што властите енормно ги задолжија граѓаните кои наредните години ќе мора да го враќаат тој долг.
– Она што ќе биде пречка за идниот економски развој во следниот период е дека владите на ентитетите се задолжија преку емисии на трезорските записи, обврзници, кон банкарскиот сектор, во енормен износ и на тој начин пред се ги крпеа и пополнуваа дупките на своите буџети. На тој начин целосно е стеснет просторот на реалниот сектор да добие соодветни извори за финансирање. На тој начин властите во БиХ и властите на ентитетите затворија врата на реалниот сектор – смета Хасиќ кој предупредува дека јавната потрошувачка претставува голем проблем во БиХ потсетувајќи дека над 47 отсто од вкупниот БДП оди на јавната потрошувачка.
Според негово мислење, властите во БиХ веќе на самиот почеток на 2015 година ќе имаат големи предизвици во областа на економијата, а тоа како што вели тој се многу стопански проблеми, но и тешката социјална состојба.
– Неопходно е да се направат промени во даночниот систем така во следниот период тие кои заработуваат повеќе, кои уживаат соодветни поволности во ваква ситуација, треба повеќе да издвојуваат, од тие кои се загрозени, а такви навистина се многу, бидејќи 20 отсто од населението живее под црвената линија на егзистенција каде дневно трошат од 3 до 5 КМ – вели Хасиќ.
Тој додава дека властите во БиХ во текот на 2015 година посебно мора да се посветат на искористување на домашните ресурси како што се човечките извори, хидроенергетскиот потенцијал, потенцијалот во областа на металопреработувачката индустрија, производството на храна, посебно на здрава храна, халал сертифицирана и еко храна.
Изгубена година за Косово
Во 2014 година косовската власт не направи ништо и затоа тоа е изгубена година за Косово, оцени Ибрахим Реџепи директор на Институтот за економско-социјални истражувања. Тој истакна дека 2014 година поминала со многу тензии и проблеми, па дури и со губење на визија за иднината. Според него, на тоа не влијаеше само 6 месечната политичка криза, туку од самиот почеток на годината претходната влада и институциите биле свртени кон изборите, а не кон одлуки во интерес на граѓаните.
– Оваа година треба да ја заборавиме што поскоро и 2015 година да почне со многу јасна визија, бидејќи многу проблеми се поврзуваат и со неефикасноста во 2014, како и со покривање на некои грешки и неможноста за развој на различни проекти, кои требаа да се случат во 2014 година – вели Реџепи.
Тој додава дека немало економски раст, нови работни места, сиромаштијата е зголемена, а и бројот на луѓето кои решението го бараат надвор од Косово и одат по илегални патишта полни со ризици. Тој додава дека Владата била неуспешна на сите полиња, а единствено се одржани во живот и тоа по инерција, веќе започнатите проекти, како Брезовица, проектот за термоцентралата Ново Косово, почетокот на изградбата на автопатот Приштина-Скопје, како и зачленувањето на Косово во Европската банка за обнова и развој.
Во врска со проектот за изградбата на новиот автопат, Реџепи оценува дека патишта на Косово навистина се потребни, посебно во правец на Скопје, ако се има предвид дека во тој правец се одвива 50 отсто проток на стока од извоз и увоз, но дека Косово нема финансиски можности за толку големи проекти.
– Оваа влада треба поинаку да располага со парите, да не инвестира само во патишта и асфалт, има и други области како што е здравството каде луѓето плаќаат и со живот поради неорганизираност, недостиг на третмани или недостиг на лекови. Тоа е несватливо и неприфатливо да се случува во 21 век.
Државниот буџет не е само наменет за плати и покривање на социјалниот сектор, туку има и развојни компоненти – вели тој.
Според него, Владата треба да изврши реорганизација на даночната администрација и царина, за да се овозможи плаќање на данокот внатре во земјата, што би било олеснување посебно на бизнисмените кои не би биле присилени да плаќаат данок веднаш на граничниот премин, туку можеби во некое одложено време, таа стока да се претвори во пари.
Надеж во изградбата на автопатот Бар-Болјаре
Црногорската економија во текот на 2014 година не направи голем исчекор во однос на 2013. Платите и пензиите не се зголемуваа, а според предлогот за буџетот во 2015, нема да има зголемување на платите на вработените во јавниот сектор. Сепак, најавениот почеток на изградбата на автопатот Бар-Болјаре, најголем инфраструктурен проект во историјата на Црна Гора, може да има позитивни ефекти на црногорската економија.
Економската аналитичарка Ана Нивес Радовиќ, во разговор за АА вели дека годината која е на крај е многу слична на минатата година.
– Мора да знаеме дека 2013 беше година на раст, бидејќи 2012 во економска смисла беше многу тешка година. Низ различни мерки се обидовме да ги покриеме буџетските дупки, со разни даноци. Така можам да кажам дека 2012 беше година на рецесија, 2013 беше година на зајакнување. Успеавме да се ослободиме од рецесијата кога бројките се во прашање, но фактички состојбата остана иста. Ако ги споредиме 2013 и 2014 тие се многу слични. Стандардот на граѓаните е во пад и никој не почувствува некакво подобрување. Мерките кои се воведени во текот на 2013 одеа на штета на граѓаните. Имавме кризен данок на платите, што се одрази на платите на вработените. Тоа доведе до пат на потрошувачката, а кога имате пад на потрошувачката, тогаш има помалку буџетски приходи од даноците – вели Нивес Радовиќ.
Од друга страна, инвестициите, според Нивес Радовиќ, конечно се почнати.
– За идната година најавен е почеток на изградба на автопатот Бар-Болјаре. Изградбата на автопатот ќе донесе корист, но таа корист ќе биде видлива дури тој момент кога автопатот ќе биде изграден и кога ќе спојува еден дел на Црна Гора со друг – смета Радовиќ.
Таа вели дека падот на куповната моќ во регионот се одразува и на Црна Гора. Србија и БиХ се големи надворешнотрговски партнери. Падот на стандардот во тие земји исто така ја намалува можноста за извоз на црногорските производи – истакна Радовиќ.
Кога е во прашање прогнозата за економијата во 2015, соговорничката за Агенција Анадолија истакна дека нема да дојде до големи промени.
– Значи, 2015 ќе биде година на вложување на големи напори за добивање на мали резултати. Следната година имаме шанса да ја искористиме така како што би требало – вели Радовиќ.
Шест тешки, рецесиски години
Хрватска шест години е во континуирана рецесија, има висока стапка на невработеност и постојан пад на БДП. Економскиот аналитичар Анте Бабиќ оцени дека причината за тоа е недостиг на волја за сериозни реформи за кои не постои национален консензус.
Тој смета дека хрватската економија во изминатите две години го гребела дното и очекува зајакнување во 2015, а колкаво ќе биде ќе зависи од разни реформи од кои се плашат и граѓаните и политичарите.
– Секогаш кога ќе им се каже дека ќе се спроведе реформа, луѓето мислат дека полошо ќе живеат, а всушност е обратно. Без сила за реформи се сите Влади во последните 10 години – вели Бабиќ и потенцира дека потребни се реформи за намалување на преголемата јавна потрошувачка.
Прекумерен е буџетскиот дефицит кој Хрватска со себе го внесе како нова членка на ЕУ и потпадна под процедура за прекумерен дефицит. На тоа се надоврзува и влошената деловна клима.
На Хрватска може да и помогне ММФ или Европската комисија ЕК
– Министрите за финансии и премиерите секогаш сметаат дека повикувањето на ММФ или ЕК би било протолкувано во јавноста како нивна слабост. Оваа влада тоа можеше да го направи во почетокот на мандатот, но сеуште тоа може да се направи во идните две години за спроведените реформи да произведат позитивни резултати – вели Бабиќ.
Тој потенцира дека некои земји на ЕУ, на пример Полска, сметаа дека економските работи се важни да се стават во уставот, а Хрватска се занимаваше со бракот. Тоа вели тој, зборува за недостиг на интерес за економски консензус. Реформите во 2015 би можеле да доведат до стапка на раст од 3,4 или 5 отсто, вели тој, а тоа на Хрватска и е потребно поради стапката на каматите на јавниот долг.
Нема живот на кредит
Новинарот и аналитичарот Миша Бркиќ оцени дека 2014 година во Србија била многу подобра за обичните луѓе отколку што фактички е дека граѓаните и понатаму живееле на кредит како во изминатите 50 години, додека состојбата на српската економија е таква што секој ден над глава виси банкрот на државата и државните финансии.
Тоа што Бркиќ го смета за позитивна заслуга на премиерот Вучиќ е дека во текот на 2014 година многу граѓани на Србија станаа свесни дека не може повеќе да се живее на кредит и дека ако се продолжи така, Србија ја очекува судбината на Аргентина, кога беше прогласен банкрот и на Грција во која се воведени ригорозни мерки за штедење.
Тоа ригорозно штедење и тука се најавува. Премиерот вети дека веќе со ребаланс на буџетот, кој во април го најави за јуни, ќе почне со тоа спроведување на мерките, а потоа тој ребаланс го одложи. Така пред крај на годината всушност ништо од сето тоа не се случи. Како што поминуваше времето, Србија паѓаше во се поголеми проблеми со јавните финансии и денес на е на 8 проценти од буџетскиот дефицит во БДП, велат дека тоа е поголемо само во Украина отколку во Србија – вели Бркиќ.
Тој наведе дека ваквата состојба е неиздржлива и дека нема да може да се продолжи така и идната година, кога ќе треба да се заштедат околу 700 милиони.
– Нешто од тие реформи почна и оваа година, пензионерите веќе примија ноемвриски чек намален за 10 отсто, а вработените во државната администрација добија помали плати. Да се почнеше со тоа во јуни, заштедата ќе беше поголема. Вкупната сума на штедењето треба да биде околу 2,5 милијарди евра во идните две години – рече Бркиќ и додаде дека штедењето ќе се почувствува и во другите сектори, како јавните фирми и државната администрација каде еден дел од вработените ќе останат без работа.
Истакна дека состојбата не е ниту малку розева ни за државата ни за граѓаните и дека 2015 ќе биде и потешка од 2014.
– Мој впечаток е дека тој страв од можноста за банкрот не е поминат и виси над главата на Србија. Од премиерот и владата и од тоа колку храбри потези ќе повлечат зависи дали Србија ќе го избегне тој банкрот. За сега има најави, она што е нацрт буџет за идната година, од тоа може да се заклучи дека некои остри потези можеби ќе се покренат – рече Бркиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст