| четврток, 6 декември 2018 |

Евакуирани трojцaта завеани жители на струшко ‘Ржаново

Хеликоптерска единица на МВР денеска ги спаси тројцата стружани што три дена беа заробени под снежната покривка во малесиското село ’Ржаново. Горан Кузманоски и Тоде Кузманоски, како и 15-­годишниот син на Горан во саботата се упатиле во нивното родно село на викенд, но снегот што заврнал на Караорман ги оневозможил да се вратат назад во Струга поради што министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, уште синоќа најави дека ќе бидат евакуирани со хеликоптер на МВР.

По слегувањето од полицискиот хеликоптер попладнево на стадионот „Караорман“ во Струга, Горан раскажа дека освен што ги потрошиле резервите со храна, тие немале ниту телефонски врски. Не можевме да контактираме. Телефоните веќе не функционираа. Метар и повеќе има снег и движењето беше ограничено само околу куќата. Сѐ што беше за јадење се изеде и веќе беше критично –  раскажува Горан за МИА.

Според неговиот братучед Тоде Кузманоски, снежната покривка достигнала еден метар и 20 сантиметри.
­

Поради снегот, немаше и струја. Седевме старински, со кандило, рече Тоде.

Луѓето кои потекнуваат од ’Ржаново велат дека зимата таму тешко се поминува и оти патот никој не го чисти што дополнително ја усложнува состојбата во зима.

­ Мојот покоен татко со години престојуваше во родната куќа во Ржаново од пролетните месеци кога ќе се стопеше снегот на патот во Малесија, па се’ до почетокот на ноември, кога знае да заврне повторно зашто селото е високо на планината Караорман. Патот со децении никој од надлежните не го санира што е дополнителна опасност за оние што минуваат по него и кога не е зима. Само луѓето кои потекнуваат од Ржаново самоиницијативно со сопствени средства се борат да овозможат пристапен пат до своите родни огништа. Но и тие се немоќни да го чистат снегот зашто за тоа треба соодветна механизација, вели 60­-годишната Севда Богданоска.

‘Ржаново се наоѓа на западната падина од планината Караорман, на надморска височина од 1.250 метри. Од Струга е оддалечено триесетина километри. Селото е иселено одамна.

Луѓето кои потекнуваат од овој крај го посетуваат во текот на целата година, но не и во зимските месеци кога висината на снежната покривка го блокира патот и го отсекува од цивилизацијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top