| четврток, 6 декември 2018 |

Битолчани се обиделе да продадат културно наследство во Грција

Тројца битолчани се осомничени дека се обиделе да продадат во Грција предмети кои претставуваат културно наследство за Македонија, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Осомничените на непознат начин прибавиле два предметa кои претставуваат редок примерок со особено културно значење за Македонија , односно женска фигура и глава која е составен дел на истата фигура изработени од мермер. Предметите ги задржале за себе и не ги пријавиле кај надлежните институции.

Во периодот од септември до 6-ти октомври се обиделе да ги изнесат предметите преку државната граница со Грција и да ги продадат на непознато лице. Со тоа сега пријавените предизвикале штета на интересите на Македонија за зачувување и заштита на културното и историско наследство.

Против нив е поднесена кривична пријава за „присвојување добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ и за обид да сторат кривично дело „изнесување во странство добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“.

Битолската полиција поднесе кривична пријава и против двајца жители на битолското село Породин, бидејќи оштетиле археолошко наоѓалиште додека копале на нива.

Додека вршеле земјоделски работи на нива, оштетиле археолошко наоѓалиште, локалитет „Велушка Тумба“, кое се наоѓа во средината на обработливо земјиште, околу кое се простира заштитен појас.

Земјиштето кое го обработувале им било дадено на користење од страна на Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“. Пријавените знаеле дека на земјиштето кое го обработуваат има локалитет, но не знаеле кои се точните граници на локалитетот бидејќи не било обележано.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top