Македонија има покренато иницијатива за потпишување на договор со САД со кој Македонија ќе има увид во сметки на своите граѓани во САД, и САД ќе има увид во сметките на своите граѓани во Македонија. Доказ за тоа се и дописите кои се доставени од Министерството за финансии и Министерството за надворешни работи до Амриканската амбасада, стои во денешното соопштение од Министерството за финансии.
Прв допис до Американската страна со кој Владата на Република Македонија искажува подготвеност за потпишување на договор за размена на информации на база на реципроцитет, се подвлекува во сопштението, е доставен преку МНР на 11 јули 2014, втор ваков допис има испратено и Министерството за финансии на 21.11.2014.
– Досега од страна на САД ни е дадена можност да се потпише договор само тие да имаат увид во сметките на американските граѓани во Македонија, што не е пракса со останатите држави во регионот со кои договорите се реципрочни, се вели во соопштението од Министерството за финансии, како одговор на прес-конференцијата на Тихомир Илиевски од СДСМ.
Владата на Република Македонија,се нагласува, е подготвена да го потпише веднаш договорот со САД, но да имаме ист третман со останатите држави, односно соработката да биде обострана.
Прес-конференциите на Тихомир Илиевски, стои во соопштението, укажуваат дека нема основни познавања во врска со ова прашање, а евидентно е дека прави штета во односите со САД.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


