| четврток, 6 декември 2018 |

За Нова година, во просек, Македонците трошат по 90 евра

Македонските домаќинства во претпразничната треска секоја година трошат помалку, но, сепак, во просек, се собира во декември да се потрошат десетици милиони евра. Според податоците за промет со платежни картички за декември 2013 година, во промет се свртиле околу 200 милиони евра, колку што биле потрошени истиот месец и во 2012 година. Ако претходно просекот бил по околу 150 милиони евра месечно, новогодишните подароци последните две години биле „потешки“ за дополнителни 50 милиони евра

Почна новогодишната еуфорија. Продавниците се преполни со граѓани што купуваат на големо обидувајќи се помалку или повеќе да го задржат духот на традицијата за подарување за Нова година. На многумина ограничениот семеен буџет не им дозволува да се отпуштат во пазарењето, но во најбериќетниот месец за трговците, ќесето го одврзуваат и најсиромашните граѓани, кои имаат малку денари во него, но и тие што воопшто немаат вишок пари за луксузот на предновогодишно трошење, но ги „пеглаат“ картичките префрлајќи пари од една на друга, здебелувајќи ги минусите на сите од нив. Дури некој и да нема намера да купува за Нова година, повикот за ваков грев доаѓа од сите страни, од телевизиските екрани, од рекламните паноа, на кои трговците мамат за на најблиските да им се купи мобилен телефон или таблет, парфем, играчки или облека, кои ќе се најдат под елката. Ако им се одолее на рекламите, тука се излозите на продавниците, кои повикуваат на трошење за празникот, кој е само еднаш во годината.

Во Македонија, официјално, нема кој да собира и да анализира податоци колку и за што најмногу трошат Македонците околу новогодишните и божикните празници, па анализа на овој податок може да се направи со собирање податоци од прометот во трговијата, прометот на платежните картички. Според собраните податоци, македонските домаќинства во претпразничната треска секоја година трошат помалку, но, сепак, во просек, се собира во декември да се потрошат десетици милиони евра. Според податоците за промет со платежни картички за декември 2013 година, во промет се свртеле околу 200 милиони евра, колку што биле потрошени истиот месец и во 2012 година. Ако претходно просекот бил по околу 150 милиони евра месечно, новогодишните подароци последните две години биле за дополнителни 50 милиони евра „потешки“, односно пресметано по број на домаќинства излегува дека некој помалку, некој повеќе, но во просек едно домаќинство трошело по 90 евра за Нова година.

ekonomija119-2

Иако потрошувачката треска е многу послаба од таа во Европа и во Америка, и таа ги тресе Македонците. Предновогодишните попусти, акциите и новогодишните понуди и преполните излози кажуваат дека е време за пазарење. Трговците веќе тријат раце бидејќи за празници расте потрошувачката. Анализите на некои трговци покажуваат дека просечните дневни сметки на граѓаните во предновогодишните празници се околу 5.000 денари.

– Пред Нова година се купува сѐ и сешто. Во продавница се влегува со ограничен список, но попатно се избираат производи што ги нема на списокот, така што на каса се доаѓа со полни кошници. И да се има и да се нема, за предновогодишно пазарење мора да се најде. Вообичено, најмногу пари се трошат за прехранбени производи, а луѓето си дозволуваат да се отпуштат во овој период. Стимул плус за трошење се постојаните промоции и намалувања што ги има во секој маркет – велат трговците, според кои, освен за храна, пред секој почеток на наредната година, најмногу пари се трошат за украси, играчки и за подновување со бела техника.

Колку и да се троши или да не се троши од новогодишните украси и подароци на кои граѓаните пред Нова година еуфорично трошат пари, македонските трговци во декември ќе заработат двојно повеќе отколку во претходните месеци од годината.

Од дребулии, кои на граѓаните им се чинат евтини, трговците најмногу заработуваат затоа што профитната маржа кај нив најчесто е 100 проценти од набавната цена. Дел од трговците што се занимаваат со овој бизнис откриваат дека и покрај тоа што овие производи изгледаат како ситници затоа што се евтини, заработката од нивната продажба е кајмакот на трговијата во предновогодишните денови.

Трговците се едногласни дека секоја година во овој период луѓето трошат повеќе пари.

– Продавниците се полни со луѓе. Некои се шетаат, а повеќето купуваат. Дури и кога некој немал намера да купува, не останува имун на многубројните производи, па никој не заминува без да купи нешто. Генерално, сега луѓето најмногу трошат на елки и на украси за нив, но многу се купуваат и играчки, бидејќи најчесто децата се тие што сакаме да ги израдуваме – објаснуваат трговците со украси и со играчки.

Според нив, маржата на овие производи кај помалите трговци се движи 30 проценти, додека кај големите трговци, кои имаат финансиска моќ да увезуваат големи контејнери, маржата е 100 проценти, односно заработката е двојно поголема од цената на производот.

Последниве години трговците со текстил се во полоша ситуација од другите бидејќи облеката важи за луксузна стока, па ако треба од нешто да се откажеме, почнуваме од таму.

– Многу е опадната продажбата и секоја година е сѐ помала и помала. Ако порано во деновите пред Нова година имавме промет од 100.000 денари, сега прометот е преполовен, значи некаде од 40.000 до 50.000 денари – велат трговците што живеат од продажба на чорапи, хулахопки и на други текстилни производи.

Како и да е, Нова година е на прагот. Вака или така, секој од нас ќе си ги пружи нозете повеќе од тоа што може, но магијата на пазарењето си го прави своето.

– Празниците се време кога се троши повеќе од дозволеното. Се влегува во минуси, но никој не може да одолее на желбата со подароци да ги израдува членовите на своето семејство. Тоа го прават сите. Тогаш сѐ е дозволено. За последиците и за преживувањето се мисли потоа. Со оглед на тоа дека јануари е преполн со празници, а со тоа и трошењето нема крај, не залудно велат дека првиот месец од година е најдолг и финансиски најтежок – нагласуваат социолозите.

 

(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 119. број на неделникот „Република“, 12.12.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top