| четврток, 6 декември 2018 |

Што откриваат турските тапии?

Оригиналната архивска документација од Османлиското Царство од 1847 година до 1912 година е полна со податоци што ќе дадат поширока слика за Македонија. Тапиите не кријат само имотно-правни односи, туку нудат податоци и за етничкиот и верски состав на жителите на територијата, чии поданици билe, потоа за сопственоста на објектите во урбаните средини - амамите, дуќаните, како се движела цената на имотите, како и други податоци вредни за македонската историја

Македонскиот катастар доби околу два милиона оригинални тапии од турските архиви, што претставува евиденција на имотот на Македонците во време на Отоманската Империја. Во книгите се запишани сопствениците на имотите, со што сѐ располагале, со чии парцели граничеле, имињата на локациите. Тапиите, кои претставуваат историја, која досега до пред речиси 170 години, имаат големо значење не само за катастарот.

Оригиналните документи, покрај имотно-правните заведени односи, ја откриваат и етничката слика на жителите, но имаат и сериозна архивска документација, која Османлиското Царство ја водело во периодот од 1847 година до 1912 година.

– Доставените таписки книги се однесуваат на вилаетите што се наоѓаат во границите на Република Македонија. Преземените податоците се однесуваат на примероци од таписката евиденција што се однесува на следниве кази: Гевгелија, Дојран, Струмица, Тиквешко (Центар: Кавадарци), Велес, Скопје, Штип, Кочани, Османија или Малешија, Кратово, Куманово, Радовиш, Крива Паланка, Тетово, Гостивар, Битола, нахија Ресен (Битолско), нахија Преспа (Битолско), Прилеп, Кичево, Охрид, Голем Дебар, Мал Дебар, река Каза, Дириџе,Черника и Пијанец (кочанска нахија) со вкупно 957 таписки книги. Се работи за обемен материјал, кој содржи различни видови записи, кои опфаќаат временскиот период од 1847 година до 1912 година, целиот материјал содржи околу 2.000.000,00 тапии – открива директорот на катастар Славче Трпески.

Во документите е наведено населението запишано како муслимани, христијани и Евреи. Имотите се запишувани според името на сопственикот, а место презиме, користено е татковото име. Исто така, заведена е и процена на вредноста на имотот изразена во турски гроша.

– Тапиите имаат голема историска вредност. Преку содржината на овие податоци ќе може да се види сопственикот, дали било физичко лице или државата; потоа религиска припадност, односно муслиман, христијанин или Евреин; следува државјанството на сопственикот – дали бил поданик на Отоманската Империја, на Австро-Унгарија или имал друга припадност; површината на парцелите искажана во тогашните мери како дулуми, шиници, евлеци итн; видот на обработливото земјиште – дали биле ниви, ливади, лозје, градини; вредноста на имотот изразена во стари или во нови грошеви; преносот на недвижниот имот од еден на друг сопственик, како и други податоци. Сето тоа, сите овие податоци ќе имаат извонредно значење во историска смисла. Прво, преку податоците ќе ја видиме Македонија во период кога сѐ уште била во рамките на Отоманската Империја, ќе се види верскиот состав на целата територија на денешна Република Македонија, ќе ја видиме сопственост кому доминантно му припаѓала, ќе се добијат значајни информации и за сопственоста на објектите во урбаните средини, на пример во чија сопственост биле амамите, дуќаните, како се движеле цените на имотот, а преку натамошна научна анализа и истражувања може да се очекуваат и други податоци за кои денес не знаеме. Поради тоа, преведувањето, обработката и ставањето на овој материјал во функција на работата на Агенцијата за катастар на недвижности и на други научни институции, има извонредно значење, како од економски, така и од историско–културен аспект.

aktuelno119-2

Документите во оригиналот се водени на арапско писмо, кое било официјален јазик во Османлиското Царство. По преведувањето на овие земјишни книги, податоците ќе бидат достапни и за граѓаните, на пример за да видат со колкав и каков имот располагале нивните предци.

– Со цел превод и обработка на таписките книги, формирана е меѓуресорска работна група составена од стручни лица – претставници на Институтот за национална историја, Државниот архив на Република Македонија и Агенцијата за катастар на недвижности. Бидејќи се работи за обемен материјал, се почна со превод и со обработка на архивски материјал на една таписка книга. Преводот на оваа таписка книга ќе помогне во процесот на препознавање на тоа колку точно време и ресурси се потребни за превод и за обработка на целиот материјал. Би нагласиле дека во моментов во Република Мaкедонија има ограничен број овластени преведувачи од старотурски јазик и за поздравување е одлуката на Владата на Република Македонија за стипендирање студенти што ќе го изучуваат овој јазик во Истанбул и во Анкара – додава Трпески.

Тапиите како средство за до­­кажување на правото на сопственост може да се употребат во постапките за денационализација, како и во евентуални судски постапки, вели Трпески. Дел од граѓаните во Македонија велат дека имаат тапии што се однесуваат на некој имот.

– Таписките книги се архивски материјал што не може да се употреби денес за директно да се изврши запишување на правото на сопственост во катастарот на недвижности бидејќи најнапред во Кралството на Србите, Хрватите и на Словенците, а потоа и во 1946 година е направена ревизија на правата запишани во катастарот и се донесени многубројни акти со кои имотот е во сопственост на денешните сопственици, па оттаму е невозможна промена на сопственоста без соодветна процедура утврдена со закон – посочува Трпески.

 

(Пишува: Наум Стоилковски
Текст објавен во 119. број на неделникот „Република“, 12.12.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top