Демократската унија за интеграција го потврди вчерашниот инцидент на кој тупаници и клоци решавале кој да седне на претседателската фотеља на огранокот на партијата во Струга при што со полесни телесни повреди завршил Аргетим Асани, член на ДУИ од струшко, објави „Фактор“.
Според извори на партијата причина за физичката пресметка било незадоволството на крилото на Арбен Лабуништа во огранокот на ДУИ во Струга, откога неговиот против кандидат Рамиз Мерко успеал да обезбеди подршка во сите ограноци во трката за претседателската функција.
Чашата ја прелила одлуката на Муса Џафери да му даде поддршката на Мерко по што членовите на двете крила во огранокот решиле и физички да се пресметаат при што си размениле тупаници и клоци.
Синоќешниот инцидент во Струга го потврди и Градоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта кој како координатор на ДУИ за Петта изборна едница го надгледувал изборниот процес и бил принуден да го прекине состанокот кога дошло до судир меѓу двете ривалски крила за избор на претседател на струшкиот разгранок.
„Работата на изборното собрание почна доста добро. Се избираше раководство. Периодот кога се бираше еден од кандидатите за претседател на локалниот совет се случи инцидент. Имаше туркање и го прекинав изборот“, истакна Бејта.
Бејта истакнува дека за инцидентот ќе го информира претседателот Ахмети и не ја исклучувам можноста лидерот на партијата да одлучи кој ќе биде идниот претседател бидејќи според Статутот тој го има тоа право.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.