Сакраменто Кингс во текот на синоќешниот натпревар против Оклахома Сити, официјално го пензионираше дресот со број 16 кој го носеше еден од најдобрите шутери за три поени во историјата на НБА лигата, Предраг Стојаковиќ.
Стојаковиќ е четвртиот играч на Сакраменто Кингс чиј дрес е повлечен од употреба по дресовите на Мич Ричмонд, Крис Вебер и Владе Дивац.
– Се чувствувам привелегирано, ова е големо признание за сѐ она што направив во кус период од кариерата. Имавме извонредна хемија, соиграчите ме направија да бидам уште подобар, не само на теренот туки и надвор од него. Благодарност до навивачите кои секогаш беа со нас – рекол Стојаковиќ на церемонијата во Арко арена.
– Ова е неверојатен момент за мене и моето семејство. Сакам да им се заблагодарам на сопствениците за вложениот труд и на тоа што екипата ја задржаа во Сакраменто. Благодарност до навивачите и моите пријатели кои дојдоа тука и на оние кои сега ова го гледаат во своите домови. Благодарност до Џеф Питри и Вејн Купер кои ми дадоа шанса и веруваа во мене, благодарност и до тренерот Рик Аделман и неговиот стручен штаб – додал тој.
Стојаковиќ во НБА лигата настапуваше 13 години за екипите на Сакраменто, Њу Орлеанс, Индијана и Далас. До шампионскиот прстен стигна во 2011 година со Далас, а истата година ја заврши кариерата.
Крилниот играч три пати настапил на Ол стар натпреварите, на вечната листа се наоѓа на четвртото место според погодени тројки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.