Центарот за управување со кризи ги извести сите надлежни што се дел од Системот за управување со кризи, вклучувајќи ги и единиците на локалната самоуправа, за преземање навремени мерки за отстранување на ризиците и опасностите што би дошле како резултат на евентуални нови поплави. Во согласност со прогнозираните временски услови и најавите за интензивни врнежи во одредени подрачја, како и со оглед на сè уште високите нивоа на реките, можна е појава на поплавни бранови, особено во регионите каде што сè уште има снег.
Заради превентивно дејствување, соошти Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување преку своите подрачни одделенија ќе достави вреќи со песок во критичните места каде што е потребно. Врз основа на хидролошката состојба и најавите за временската прогноза за наредните денови добиени од Управата за хидрометеоролошки работи, при што за наредните неколку дена се најавуваат поинтензивни врнежи, денеска се одржа состанок на Координативното тело за справување со поплави.
Под дејство на јужните струења и интензивните врнежи, како што се наведува, може да настане покренување на снежните маси и појава на поплавни бранови во сливните региони на подножјето на Шар Планина, Кораб, Пелистер и на Кожуф.
Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните да учествуваат во расчистување на малите канали кои се наоѓаат во нивна непосредна близина, а кои се затрупани со цврст отпад кој ги зголемува ризикот и опасноста од поплава. Исто така, на граѓаните им се препорачува, доколку забележат одредени појави кои претставуваат закана за животот на луѓето и нивните материјални добра, да се јават на бесплатниот телефонски број за итни повици 195 на Центарот за управување со кризи и да пријават во инспекциските комунални служби на општините во кои живеат, со цел надлежните служби навремено да реагираат, стои во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.