Случаите во кои револтот на американската јавност го присили правниот систем да се позанимава со расно мотивираната полициска бруталност, при што постигнатите резултати не беа задоволителни.
Одлуката на Големата порота од Фергусон полицаецот Дарен Вилсон да биде ослободен од обвинението за убиство на афроамериканскиот тинејџер Мајкл Браун е бездушна, но не изненадува. Овој случај треба да се гледа во контекст на историјата на истрагите и кривичните постапки во значајни случаи на полициско насилство, како и системската и расистичка полициска бруталност во САД. Мислам дека овој преглед ќе биде корисен за движењето за правда во случајот на Мајкл Браун и на сите кои се вклучени во поширока борба против полициското насилство во Америка.
Значи, она што следи е куса историја на најпознати случаи во кои револтот на американската јавност го принуди правниот систем да се позанимава со случаи на расно мотивираната полициска бруталност, при што постигнатите резултати не беа, благо кажано, задоволителни.
Чикаго
Во текот на последните 45 години Чикаго, кога е во прашање кривично гонење на припадник на полицијата за тортура, е типичен пример на рамнодушност и забошотување од страна на функционерите. На 4 декември во 1969 година водачите на Црните пантери, Фред Хемптон и Марк Кларк брутално биле убиени во полициска рација во која биле вмешани државниот обвинител на областа Кук и Коинтелпро програмата на Федералното истражно биро ФБИ.
Негодувањето на јавноста доведе до федерална истрага за кршење на човековите права. Наспроти наодот дека полицајците во текот на рацијата испукале повеќе од 90 куршуми како одговор на само еден од Црните пантери, Големата порота во 1970 година не покрена обвинение, туку во својот извештај подеднакво ги обвини и сторителите и жртвите.
Поради гневот на јавноста по оваа одлука, именуван е специјален обвинител кој бил соочен со екстремен отпор на политичарите. Тој успеал да покрене обвинение против полицијата и државните обвинители одговорни за планирање и спроведување на рацијата, но не за убиство и обид за убиство, туку само за спречување на правдата.
Случајот на суд стигна пред судијата со политички врски, кој го отфрли не барајќи дури ни да ја види одбраната на обвинените лица. Гневот и овој пат, посебно во афроамериканската заедница, беше толку жесток што по една недела откако во 1972 година беше донесена оваа пресуда, беше сменет главниот обвинител Едвард В. Ханхрахан.
Скандализирајќи го случајот на полициска тортура за Џон Берџ е уште еден впечатлив пример. Доказите кои во текот на повеќе години биле откриени покажале дека група детективи од чикашката полиција, кои биле белци предводени од Џон Берџ, во период од 1972 до 1991, мачеле најмалку 120 Афроамериканци.
Уште во 1982 година на државниот обвинител на округот Кук, Ричард М. Дејли, му биле понудени цврсти докари за мачењето, но тој не ги истражил, ниту го обвинил Берџ и неговите луѓе. Кабинетот на Дејли следните седум години продолжил да се служи со признанијата на жртвите изнудени со тортура. Многу од овие луѓе пратил во затвор, осудувајќи 10 лица на смрт, иако подоцна биле спасени со мораториум на смртната казна во 2000 година и помилувањето на тогашниот гувернер Џорџ Рајан од 2003 година.
Во 1989 година локалното државно обвинителство одби да отвори истрага за тоа, а исто направија и Министерството за правда во 1996 и државниот обвинител на округот Кук Ричард Дивајн, пет години подоцна. Поради постојан притисок од јавноста, истрагата за тортурата била доделена во 2001 година на политички поврзаниот специјален обвинител. Меѓутоа, по истрагата која траела четири години и чинела седум милиони долари, и тој одбил да покрене обвинение и наместо тоа објавил извештај со кој Дејли, Дивајн и многу високи функционери на чикашката полиција ги ослободил од обвинението.
Дури во 2008 година државниот обвинител го обвинил Берџ за кривоклестство и попречување на правдата, за што во 2010 година бил осуден на казна затвор во траење од 4,5 години. Меѓутоа, потоа државниот обвинител одбил за истото дело да ги гони и соучесниците на Берџ.
Њу Орлеанс
Чикаго не е осамен пример за тоа колку тешко може да се издејствува правда за жртвите на полициското насилство. Во Њу Орлеанс во 1980 година група бели детективи одговориле на убиството на бел полицаец со тероризирање на тамошната црнечка заедница, убивајќи притоа четворица недолжни луѓе и мачејќи многу други со методот „booking and bagging“, со претепување на осомничените со телефонски именици и гушење со пластични кеси навлечени преку главите. Од седум полицајци против кои Министерството за правда поднело обвиненија за кршење на човековите права со мачење на една од жртвите, тројца биле осудени. Ниту еден не бил обвинет за четирите убиства, ниту за други дела на мачење.
Непосредно по ураганот Катрина, припадник на полициските сили во Њу Орлеанс во 2005 година го усмрти со пиштол невооружениот Афроамериканец Хенри Гловер, а потоа негови колеги го запалиле телото за да го сокријат злосторството. Полицајците од Њу Орлеанс пукале и убиле двајца невооружени Афроамериканци на мостот Данцигер. По лошо спроведената истрага државните власти, Одделението за човекови права при Министерството за правда покренало обвинение против полицајците вмешани во овие два случаи и добиле пресуда за некои од главните починители.
Меѓутоа, Апелацискиот суд во Петиот округ ја поништил пресудата во случајот Гловер, а судијата, наведувајќи кршење на процедурата од страна на Владата, направил исклучителен чекор одобрувајќи им на обвинетите полицајци во случајот Данцигер, ново судење.
Њујорк
Еден припадник на њујоршката полиција во 1997 година во тоалетот на полициската станица сексуално го нападнал Абнер Луима, американски граѓанин од хаиќанско потекло, ставајќи му во анусот скршена рачка од метла. Напаѓачот на Луима потоа бил обвинет за кршење на човековите права, додека тројца негови соучесници биле обвинети за прикривање на злосторството.
Бидејќи напаѓачот на Луима се изјаснил за виновен, неговите соучесници биле осудени, но Апелациониот суд на Вториот округ ги поништил пресудите врз основа на тврдењата дека меѓу адвокатите на полицајците постои судир на интереси. Откако биле осудени по втор пат, Апелациониот суд повторно ги поништил пресудите, но сега врз основа на тврдење дека не постоеле доволно докази за предумисла.
Четворица припадници на Одделението за улични злосторства на њујоршката полиција во 1999 година испукале 41 куршум на Амадуа Диала, емигрант од Гвинеја кој посегнал по паричникот, погодувајќи го 19 пати. Полицајците биле обвинети за убиство од втор степен и случајот бил пренесен на северот на државата, каде поротата ги ослободила.
Во јули оваа година, припадници на њујоршката полиција го уапсиле Афроамериканецот Ерик Гарнер бидејќи наводно продавал цигари без таксени марки. Го стегнале за врат, што е забрането со закон, го турнале со лицето кон земјата и со рацете на грбот, му го набиле лицето во плочникот, каде неколку минути подоцна починал од последици од срцев удар. Овој смртоносен напад, кој е и снимен, моментално е под истрага на Специјална голема порота, именувана од страна на окружниот јавен обвинител.
Лос Анџелес
Еден од нај озлогласените случаи беше и бруталното претепување на Родни Кинг од страна на пет припадници на полицијата во Лос Анџелес во 1991 година. Бруталноста во најголем дел е забележана на снимката која прикажува и како неколку полицајци стојат во близина, не преземајќи ништо да го запрат претепувањето на беспомошниот човек.
Четворицата полицајци се обвинети на државно ниво за напад со смртоносно оружје и примена на прекумерна сила. Судењето е преселено во округ со мнозинско бело население и тројца полицајци беа ослободени од сите обвиненија, додека четвртиот е ослободен од обвинението за напад со смртоносно оружје, како и уште од некои помали обвиненија. Меѓутоа, поротата не успеа да донесе пресуда за примена на прекумерна сила.
По гневниот бунт на афроамериканската заедница на Лос Анџелес кој резултираше со смрт на 53 луѓе и околу 2.000 повредени, американското Министерство за правда покрена обвинение против четворица полицајци, а сојузната порота осуди двајца, а останатите ги ослободи.
Во август минатата година, припадниците на полицијата на Лос Анџелес го убија невооружниот и ментално болен Афроамериканец, Изел Форд, кој според изјавите на сведоците бил убиен од грб додека лежел на земја. Наспроти масовните протести, до денес нема истрага од Големата порота. Извештајот од обдукцијата допрва треба да биде објавен, а ни полицијата на Лос Анџелес не ја заврши интерната истрага.
Оукланд
Во доцните 90-ти години во Оукланд во Калифорнија, полициската заедница наречена „Роџ Рајдерс“, систематски претепувала, лажно обвинувала и подметнувала наркотици на Афроамериканци за кои тврделе дека дилаат дрога. Против четворицата „Рајдерси“ Окружното јавно обвинителство покренало обвиненија и судењето било префрлено во округ во предградието. Предводникот на групата побегнал од земјата и му е судено во отсуство.
По едногодишното судење пред поделената порота во која не седел ниту еден Афроамериканец, полицајците биле ослободени од осум обвиненија, а поротата застанала на преостанатите 27 точки. По ургенциите од тогашниот градоначалник Џери Браун, на тие полицајци повторно не им било судено.
Исто така во Оукланд, во раните утрински часови пред дочекот на Новата 2009 година, припадникот на полициските сили БАРТ (Bay Area Rapid Transit – Железнички систем на Сан Франциско) пукал и го убил младиот Афроамериканец Оскар Грант, кој во турканицата на станицата лежел невооружен, со лице свртено кон земјата. Пукањето и убиството се забележани на снимка и предизвикаа милитантни протести во Оукланд.
Уште една бела порота ги отфрли обвиненијата за убиство, прогласувајќи го полицаецот виновен за убиство од небрежност. Убиецот на Оскар Гранд помина помалку од една година во затвор, а потоа министерството за правда отвори истрага за кршење на човековите права, но никакво обвинение не е покренато.
Милвоки
Поттикната од програмата CompStat која ја промовира агресивната работа на полицијата, извесна единица белци на полицијата од Милвоки во периодот од 2007 до 2012 незаконски претресувала до гола кожа над 70 Афроамериканци, за кои тврделе дека се под истрага за трговија со дрога. Во текот на тие претреси, обично вршени на улица, полицаец кој за тоа бил задолжен, своите раце ги пикал во долната облека и им ги пребарувал анусите и гениталиите.
Кога се дознало за оваа исклучително незаконска пракса, јавниот обвинител на Милвоки покренал обвинение против водачот на групата, Мајкл Вагнин, за многу случаи на сексуални напади, незаконски претреси и службени прекршоци, додека тројца припадници на друга единица исто така биле обвинети за учество во два претреса. Командирот на единицата и уште неколкумина припадници кои присуствувале на многу претреси, не биле обвинети.
На обвинетите полицајци им било дозволено да се изјаснат за виновни за поблаги прекршоци, па Вагнини добил 36 месеци затвор, додека казните на останатите тројца севкупно изнесувале помалку од еден месец затвор. Изјаснувајќи се за виновни, ветено им е дека нема да бидат обвинети за кршење на федералните граѓански права.
Истрагите и праксата
Овие случаи се само врв на замрзнат брег кога се работи за случаи во кои расистичкото полициско насилство не подлежи на подеднаква правда пред законот. Неодамна Министерството за правда одби во Литл Рок во Арканзас кривично да гони полицајци кои го убиле Јуџин Елисон, Афроамериканец кој шетал пред својата куќа со стап во раката, иако постоеле документирани извештаи за неодамнешни убиства на црни мажи кои ги извршиле полицајци во Чикаго, Хјустон, Сан Антонио, Бивер Крик во Охајо и во Сарасота во Флорида.
Американскиот Конгрес во 1994 година, признавајќи дека кршењето на дисциплината и насилството сепак било систематско во многу делови од земјата, го донесе 42 U.S. Code Section 14141, давајќи овластување на Министерството за правда да покренува обвиненија против полициски одделенија со наведување на образец и пракса не науставно однесување и да доставува широк спектар на судски налози, договори и независни набљудувачи, за да се имплементираат реформите на таквите пракси.
Иако без доволно луѓе, Одделението за документи и пракса при Министерството за правда во последните 20 години се насочуваше на системските и дискриминаторски постапки во вработувањето, надзорот и контролата во многу полициски одделенија. Посебно срамните дела и цел низ дела на полициска бруталност, често го поттикнуваа Одделението да покрене истрага, а неговите адвокати потоа покренуваат договори или судски налози во Синсинати, Питсбург, Стубенвил во Охајо, Њу Орлеанс, Порторико, Оукланд и Мајами.
Адвокатите кои се занимавеле со случаите од Литл Рок минатиот месец побарале од Министерството за правда да спроведат истрага за однесувањето и праксата во полицијата во Лос Анџелес, а Одделението сега наводно ја истражува праксата на полицијата на градот Фергусон. Иако овие истраги не се универзален лек, тие нудат механизми за разоткривање и реформи на несомнено неуставна полициска пракса, а покажале и колку системското полициско насилство и натаму е распространет проблем.
Во светло на оваа историја, предодредениот неуспех на пристрасниот локален обвинител во покренување на обвинение против Дарен Вилсон, не треба да не изненади. Меѓутоа, движењето за правда за Мајкл Браун сврте големо внимание во Америка, на овој широко распространет проблем на системско и расистичко полициско насилство.
Пред само две недели, случајот Браун заедно со случаите на мачење на Берџ претставени се пред Комитетот на Обединетите нации против тортура, во Женева. Движењето сега треба да го насочи своето внимание кон Министерството за правда и за Вилсон да побара покренување на федерално обвинение за повреда на човековите права, комплетна истрага за односот и праксата во полицијата во Фергусон и пошироко спречување на системското и расистичкото полициско насилство.
Како шти непогрешливо не учи историјата за битките против расистичкото полициско насилство, јавниот претрес и агитацијата мора да продолжат, не само во Фергусон, туку во цела Америка. Бидејќи, како што пред многу години точно забележа Фредерик Даглас, силата не запира додека не ја запреш.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Опструкции на секој чекор: Граѓаните кои доаѓаа на протест стопирани на секоја патарина (галерија)
-
Хит на Фејсбук: Хрватски полицајци се обидуваат да поправат службено возило (видео)
-
Само кренат глас ќе се слушне: Полицајците во понеделник на марш низ Скопје
-
Убиецот од Мала Речица вечерва приведен во селото Гајре