Германија е докажан партнер и пријател на Македонија и е тивок, но постојан поддржувач на нашите евроатлански интеграции, а последните години значителен пораст бележи и економската соработка меѓу двете земји, истакна во отчетно обраќање пред собраниската Комисија за надворешна политика Корнелија Утевска Глигоровска за вршењето на должноста амбасадор во Сојузна Република Германија.
– Иако не е секогаш најгласниот, сепак, Германија е принципиелен и константен поддржувач. И покрај критиката за некои отворени прашања кои можат негативно да влијаат врз оценката од ЕК, земјата силно се залага за проширување на ЕУ според заслугите на секоја земја поединечно. Генерално важи дека РМ ги исполнува бараните критериуми, но и натаму се инсистира на континуитет во политичкиот дијалог и подигнување на политичката култура, рече Утевска Глигоровска.
Таа подвлече дека регионот го доби вниманието на Берлин со конференцијата во август годинава, иницирана од канцеларот Меркел, на која Македонија уште еднаш и ја искажа поддршката на патот кон ЕУ и НАТО.
Укажа на барањето на Берлин за решавање на отворените прашања, како спорот за името, а вистински исчекор, вели, беше средбата во Германија 2013 година на медијаторот Метју Нимиц со Меркел, на нејзино барање. Инаку, посочи за официјален Берлин, спорот за името е билатерално прашање, а ќе поддржи секакво решение што заеднички ќе го изнајдат двете страни.
Во однос на политичката соработка во нејзиниот четиригодишен мандат таа ги наброја организацијата на двете посети на претседателот Ѓорге Иванов, десетината на премиерот Никола Груевски, како и бројни посети на министри и на пониско ниво. Покрај бројните посети на германски пратеници, таа ја издвои и посетата на германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле на Македонија во 2013 година, како и посетата и средбата на премиерот Груевски со канцеларот Ангела Меркел во 2012 година.
За економската соработка, амбасадорката Утевска Глигорова истакна дека за време на нејзиниот мандат инвестициите од Германија во Македонија се значајно зголемени. Таа се искачи на 3-то место по инвестиции, а со нив е обезбедено отворање 13.000 работни места во земјава. Придонес во тоа, вели, покрај бројните владини роудшоа имаат и презентациите одржани од Амбасадата, средбите со германски компании и учество на саеми. Во однос на трговската размена, посочи, Германија е наш трговски партнер број еден, извозот е удвоен, а увозот е на исто ниво.
Придонес кон добрите односи со Германија дава и македонската дијаспора, која ја сочинуваат околу 70.000 македонски државјани, но се проценува дека брои над 120.000 лица, а точната бројка, вели Утевска Глигоровска, не може да се утврди бидејќи Германија не признава двојно државјанство.
Претседателот на Комисијата Антонио Милошоски истакна дека од успешната служба на амбасадорката Утевска Глигоровска највредно е зголемувањето на нашиот извоз кој во 2010 година изнесувал 700 милиони долари, а во 2014 само до септември е дуплиран на 1,514 милиони долари, за што голем влог има Владата, стопанските комори, МНР. Тој ја издвои и посетата на Вестервеле на Македонија.
– Се надевам дека ќе се создадат во скора иднина и стопански и политички претпоставки и услови за да ја имаме и првата официјална посета во некое скоро време на германски канцелар на РМ, што би било крунисување на добрите и плодотворни односи, рече Милошоски набројувајќи ги германските инвестиции во земјава.
За пратеникот Сашо Василевски оптоварување во релациите со Германија може да претставува бројката на лажните азиланти, за што вели, придонесува и фактот дека едно петчлено семејство добива стан и 1.100 евра месечно од германската држава. Според Утевска Глигоровска, зголемувањето на баратели на азил се должи на одлуката на германскиот Уставен суд од 2012 година за двојно зголемување на средствата кои им се даваат на овие лица. Во моментов само 0,3 проценти од барањата за азил се прифаќаат. Но, вели, по барањето од наша страна Македонија да биде ставена на листата на безбедни држави, постапката за разгледување на тие барања ќе се намали и ќе се сведе на пет дена, поради што верува дека нема да биде исплатливо за никој да се спакува и да замине во Германија.
Во отчетното обраќање на амбасадорот Ѓорѓи Филипов за Република Австрија истакна дека за својот мандат во оваа пријателска земја и наш искрен поддржувач, организирал над 41 средба на високо ниво, од кои на претседателот Иванов шест и пет на премиерот Груевски, а за најважно достигнување ја смета изјавата на австрискиот претседател Хајнц Фишер дека Македонија треба да води паралелни преговори за влез во ЕУ и за спорот за името. Во економскиот дел, посочи, организирал контакти со 312 фирми и присуствувал на 74 бизнис форуми. Остварена е и значајна културна и научна соработка.
Трговската размена со Австрија, вели, е зголемена од 2010 година за 60 милиони евра и денес изнесува 190 милиони евра, додека извозот бележи мало зголемување. Филиповски даде отчет и за неговиот ангажман како нерезидентен амбасадор на Македонија за Словачка и Јапонија, со која вели е постигнат драстичен напредок во односите.
– Сите три земји ја увидоа апсурдноста околу прашањето како треба да ни се обраќаат па едноставно почнаа да го прават тоа достоинствено, само со употреба на уставното име, рече амбасадорот Филиповски.
Според Милошоски, големо политичко постигнување е изјавата на австрискиот претседател Фишер, која вели поттикнува многу други ЕУ-земји да ја размислат и можеби да ја вклучат во нивниот став дека Македонија заслужува да отпочне преговори со ЕУ паралелно со разговорите за името.
Пратеничката Шпреса Кадри побара поголема грижа од властите за студентитите од Македонија кои во моментов во Австрија ги има околу 1.000.
Отчети пред Комисијата дадоа и амбасадорите Ѓоко Ѓорѓевски за Светата Столица и Асаф Адеми за Кралството Данска.
Комисијата за надворешна политика на седницата ги поддржа и предлог законите за ратификација на Договорот за полициска соработка меѓу Македонската Влада и Белгиската Влада и за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Црна Гора за заемно признавање на возачките дозволи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст