| четврток, 6 декември 2018 |

Кина трага по 100 „исчезнати“ Виетнамки

trafikingКинеските власти отворија истрага по сомнителното „исчезнување“ на околу 100 Виетнамки во северната провинција Хебеи.

Локалните весници пишуваат дека станува збор за жени кои годинава се омажиле за кинески селани, но од пред крајот на минатиот месец се водат како „исчезнати“ без секаква трага. Сите биле омажени за Кинези преку посредник, па една Виетнамка, која 20 години живее во Кина, се сомнева дека „исчезнувањето“ е нов пример за илегалната трговија со луѓе и за криминална измама.

Изминатите години, поради намалениот наталитет во Кина и недостигот на жени и девојки, посебно во руралните средини, Кинезите од овие области бараат и наоѓаат брачни партнерки во странство, најчесто од земјите на југоисточна Азија и за пари.

Тие плаќаат и до 115 илјади јуани (околу 18 илјади долари) за да си најдат невести од Виетнам, па годинава во провинцијата Хебеи се појавиле плакати со понуда за посредување при наоѓањето виетнамски сопруги.

Инцидентот со „исчезнувањето“ се случил на 20 ноември кога стотина Виетнамки, омажени за Киези, им рекле на своите мажи дека ќе одат на свечен ручек на кој ќе се соберат сите невести дојдени од Виетнам. Веднаш потоа сите ги снемало без трага, а кога загрижените мажи побарале помош од посредникот при нивните венчавки, откриле дека исчезнала и жената што им ги договорила браковите.

Весниците откриваат дека една од „исчезнатите“ се појавила во една кинеска полициска станица, каде што открила дека по ручекот таа „паднала во длабоко бесознание“ и се разбудила во куќа далеку од онаа во која живеела со својот кинески сопруг.

Засега нема потврда дека станува збор за масовна измама на криминалци кои шверцуваат луѓе кои подоцна ги препродаваат, но минатиот месец властите во Кина прекинаа еден криминален синџир за продавање жени и девојки од Мјанмар, како невести за осамени Кинези.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top