| четврток, 6 декември 2018 |

Загина 25-годишно момче – тешка сообраќајка кај Гостивар

Дваесет и петгодишно момче од кичевско Зајас загинало во тешка сообраќајна несреќа, која утринава се случила на патот Гостивар-Симница.

Од СВР Тетово за „Курир“ велат дека возачот Н.А. на џипот „шевролет блејзер“, кој бил без таблички, а се движел кон Гостивар, загубил контрола, по што возилото излетало од патот и се превртело на покрив.

Младото момче во несреќата, која се случила во 3.30 часот, починало на самото место по тешките повреди што ги добило откако го нагмечиле дрвата што ги превезувал во џипот. Неговото безживотно тело било извлечено со интервенција на пожарникари, а лекарите можеле само да ја констатираат смртта.

Полициски екипи извршиле увид на лице место, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е предадено на обдукција.

Неофицијално, дрвата кои биле пронајдени без жиг во џипот се одземени и предадени на шумската полиција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top