| четврток, 6 декември 2018 |

Акција „Чекан“: Четворица адвокати и еден извршител уапсени во Гостивар

Денеска, од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, беше реализирано криминалистичко истражување под оперативно име „Чекан“, кое се спроведуваше за сузбивање на организирана криминална група која ги вршеше кривичните дела – злосторничко здружување, изнуда, лихварство и перење пари и други приноси од казниво дело, која дејствуваше на подрачјето на западна Македонија.

Од страна на ОСОСК до надлежното јавно обвинителство поради основано сомнение за горенаведените сторени кривични дела  ќе биде поднесена кривична пријава против лицата Ф.А.(49), А.M.(51), И.А.(44), Ф.М.(54), Р.С.(44), Ј.С.(24), Ф.С.(22), Ф.М.(27), A.З.(35), М.С.(25), И.М.(44), А.И.(34), Ф.Х.(56), М.А.(38), Х.И.(32), М.И.(43), И.Б.(43) Н.М.(41) сите од Гостивар и В.Ј.(50) од Скопје. Меѓу нив осомничени се и четири адвокати и еден извршител, освен против физичките кривично ќе биде гонето и едно правно лице Друштво за угостителство, туризам трговија и услуги  “Голден Плаце ММ”,  ДООЕЛ-с. Маврово, чиј сопственик и управител е пријавената сопруга на првопријавениот организатор на групата.

Криминалната група организирана од страна на петтемина првосомничени, според документираните сознанија, започнала да делува во континуитет од 2008 година, претежно на територијата на општина Гостивар. Адвокатите и извршителот на организаторите им укажувале помош со изработка на фиктивни и други договори и документација, на тој начин сторувајќи ги кривични дела “злосторничко здружување“, “фалсификување на исправа“, “употреба на исправа со невистинита содржина“ и “злоупотреба на службена положба и овластување“.

Мотивот на криминалната група бил стекнување на противправна имотна корист од извршените кривични дела, а така стекнатата имотна корист ја пуштале во легалниот платен промет, за што користеле голем број на сопствени фирми, банкарски сметки, вложувајќи во недвижности и во превозни средства, стекнување на недвижен имот, како и давање на незаконски позајмици на физички и правни лица, притоа пресметувајќи им високи-лихварски месечни камати. За враќањето на позајмиците бил вршен притисок при што користени се сериозни вербални закани и физички напади врз оштетените.

Организаторите на криминалната група со повеќе лица од Гостивар меѓу кои и сопственици на фирми, стапувале во должничко доверителски односи давајќи им различни суми на девизни парични средства како позајмици со лихварски камати од 8-20 % месечно, па откако ќе ги довеле во неликвидна економска состојба, им упатувале сериозни вербални закани, вршеле физички напади, а потоа ги терале да склучуваат фиктивни нотарски и адвокатски договори кои ги составувале адвокатите. Со вака склучените договори за купопродажба на недвижен имот или возила на неколку лица од Гостивар и околината, им го присвојувале нивниот недвижен имот или нивните возила, или со помош на извршителот покренувале и спроведувале постапки за извршување врз имотот на оштетените.

Од превземените мерки и активности преку финансиска анализа се утврди дека прво пријавениот, како главен организатор на криминланата група, успеал да пушти во оптек вкупно 862 298 евра за кои знаел дека се прибавени со казниво дело, но со цел да ја прикрие нивната локација, движење и сопственост ги користел сите сметки на негово име, како и жиро сметките од правното лице “ГОЛДЕН НАЈТ”. Од останатите извршени финансиски анализи за пријавените физички и правно лице се утврди дека постои основано сомневање дека го сториле и кривичното дело “перење на пари и други приноси од казниво дело“, претворајќи ги криминално стекнатите пари во недвижни и движна  сопственост. Утринава, по претходно издадени Наредби за претрес на дом и други простории извршени се претреси на вкупно деветнаесет локации во Гостивар.

При спроведување на судска наредба за претерс на дом, од страна на едно лице беше употребено огнено оружје, односно истиот пукаше кон полициските службеници. Осомничениот веднаш беше совладан и приведен. За кривично правниот настан дополнително ќе биде извршен увид на местото на настан. До моментов во постапка за одземање се 20 ПМВ, околу 43.510 евра, 12.080 швајцарски франци и 239.850 денари, 4 пиштоли без дозвола, 1 ловна пушка, околу 60 куршуми, нож, боксирач, 3 рамки за пиштол, 7 мобилни телефони, 11 СИМ картички, договори и предмети поврзани со оштетените лица, повеќе договори за заем на парачни средства, а утврдено е кривично дело кражба на струја.

Во моментов обезбедени се вкупно 15 од кривично пријавените лица, за две лица од извршените проверки се утврди дека ја имаат напуштено територијата на Р.Македонија, најверојатно поради приватни причини, а по две лица  се уште се трага. Кривично пријавените лица во текот на денов, ќе бидат спроведени до надлежниот судија на претходна постапка при Основниот Суд Скопје 1 Скопје.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top