Од првиот дел на „Роки“, со Силвестер Сталонe, поминаа 40 години, па по тој повод британскиот магазин „Шорт лист“ објави листа со десет работи кои досега не сте ги знаеле.
„Роки“ е еден од најпознатите филмови за бокс што некогаш е снимен и е еден од најголемите остварувања за спортот во историјата на кинематографијата.
Приказната за падот на скромниот борец од Филаделфија му овозможи на Силвестер Сталоне да се пробие во Холивуд.
Во освртот на филмот, „Шорт лист“ изнесува десет интересни детали.
1. Продуцентите не сакале главната улога да му се довери на анонимус како што тогаш беше Сталоне, туку планирале Роки да го глуми Рајан О’Нил, Роберт Редфорд, Џејмс Кан или Берт Рејнолдс. Сепак, попуштиле пред ултиматумот на Сталоне: или тој или ништо од филмот.
2. Филмот располагал со буџет кој едвај надминувал еден милион долари. Сумата била толку многу скромна што Берџес Мередит и Карл Ведерс морале да ја делат гардеробата. Сепак, филмот заработи 225 милиони долари низ целиот свет.
3. Сузан Сарандон се пријавила за улогата Адријана Пенино, но била одбиена како „премногу убава“ во корист на Талија Шајр.
4. Сталоне првата верзија на сценариото ја напишал за само три дена.
5. Режисерот Џон Авилдсен дотогаш немал гледано ниту еден боксерски меч.
6. Таткото на Сталоне (лик кој со ѕвонче го најавува почетокот на рундата), братот (уличен танчер) и првата сопруга, исто така, учестувале во снимањето на филмот.
7. Сценариото на филмот е инспирирано од легендарниот дуел меѓу Мохамед Али и Чак Вепнер од 24 март 1975 година.
8. Кучето на Роки било кучето на Сталоне во вистинскиот живот.
9. Сталоне многу време поминувал во удирање по замрзнато месо кое висело на куките во текот на фамозните сцени на тренирање, поради што здобил трајни последици на зголобовите.
10. „Роки“ беше прво филмско остварување посветено на спортот што освои „Оскар“ за најдобар филм.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.