| четврток, 6 декември 2018 |

Проф. д-р Бајрактарова: Верувам дека голем дел од професорите преќутно се согласуваат со воведувањето на државниот испит

studenti

Зошто толку голем страв од дополнително тестирање?! Дали со ваквата реакција на најавената мерка на државата за подобрување на квалитетот во високото образование, всушност студентите не го потврдија сомневањето, дека на полето на знаењето потфрлуваме? запраша професорката д-р Бона Бајрактарова во својата колумна на порталот Република.

Според неа ова даде доказ плус во корист на предлогот на Владата, за воведување ваква мерка во образованието. Поинаку ќе беше, доколку настапеа, со барања кои би се однесувале на начинот/формата на проверка на знаењата, на концептот за утврдување на стекнатите, реално потребни знаења за да се продолжи понатаму со студирањето.

Bona-Bajraktarova-120x100Зошто е потребен дополнителен тест за студентите? Од кои причини државниот испит треба да биде воведен во нашиот образовенс ситем?

-Државниот испит, или како и да се нарекува е начин на проверка на знаењата стекнати за време на студирањето и е корисно и за студентите – како идни стручњаци во разни домени, но и за државата – да се увери во квалитетот на својот високообразовен систем! Кај нас, сакаат да зборуваат дека квалитетот на знаењата потфрлува, а истите тие не ја прифаќаат идејата и легитимното право на државата да воведе евалуација – која несомнено, ќе резултира со подобрување на квалитетот – во смисла на поголеми знаења; секако,  на овoj  испит гледам како на една од можните реформски мерки кои треба да придонесат кон унапредувањето на квалитетот во високото образованието. Реформите во која било општествена сфера, па и во образованието, не се статична работа! Се работи за континуиран процес што трае, што треба да оди во чекор со современите трендови во образованието и науката во светот – вели професорката.

Бајрактарова вели дека државниот испит како форма на проверка на знаењето не е ниту нова, ниту непозната работа во високото образование во Република Македонија. Државен испит во областа на медицината и стоматологијата се полага повеќе од четири децении. Се полага на материјал од стручните предмети положени во текот на студирањето од прва до петта/шеста година, а вклучува и прашања од доменот на здравствената легислатива.

-Кај медицинарите, според мене е направена корисна модификација – државниот испит да се изведува на две нивоа, во втора и шеста година. Овој, да го наречам двофазен начин на полагање на државниот испит секако е попогоден (и поефикасен) за студентите, затоа што знаењето е посвежо во годината кога е полаган некој испит, или само година-две потоа! И, она што треба да се нагласи е тоа – дека без положен државен испит медицинарите и стоматолозите не можат да добијат лиценца за работа, иако ги положиле сите испити предвидени со студиската програма – односно, дипломирале! Значи, државниот испит (положен) заедно со обавениот постдипломски/лекарски стаж е неприкосновен услов за практикување на професијата! Четирите децении искуство со државниот испит во овој домен покажа дека истиот претставува корисна форма на проверка на стекнатото знаење во текот на студиите, и на некој начин, потврда за спремноста на кандидатот за практикување на професијата. И, тука секако се наметнува прашањето – зошто некој би бил против воведувањето  на државен испит и на другите факултети, кога ваквата верификација на стекнатите знаења ја зголемува пред сè самодовербата на стручњаците, но и довербата кај работодавачите; овој испит не треба да биде реален проблем за студентите, зашто веќе наученото, барем за оние кои добро учеле, само треба да се освежи! – коментира проф. д-р Бајрактарова.

 Се  наметнува прашањето каде се сега професорите? Зошто тие молчат? На ова професорката одговара:

Повеќето професори се свесни за состојбите, барем десетина години наназад. Верувам, дека повеќето од нив, барем оние кои звањето го носат со дигнитет (таквите се помногубројни!), преќутно се согласуваат со воведувањето на државниот испит, за чија концепција како крајна варијанта, како што е најавено, сериозно ќе се дебатира – за истиот да ги даде очекуваните ефекти.  Инаку, лично се согласувам, а верувам и добар дел од професорите, со ставот на колега – професор (Плусинфо, 17 Ноември 2014), кој покрај другото, според мене, изнесе еден крајно искрен и реален став – дека проблемот е кај (нас) професорите, а не кај студентите! Тој тоа добро го елаборира во објавениот текст, а е тема од ВО-систем на која треба да и се обрне посебно внимание! Покрај другото, сметам дека е во прашање и критериумот/објективноста при оценувањето, но во овој контекст неопходна е сериозна евлуација и на (Е)КТС (2004?) – детектирање на слабостите (ги има!) и нивно отстранување.

Има и професори кои се појавија со толпата студенти како поддршка на протестот против испитот. Ја запрашавме професорката како таа го коментира појавувањето на поедини професори на протестите? Зошто тие се плашат од овој испит?

 –Па не знам дали се плашат од воведувањето на овој испит – или е нешто друго во прашање. Меѓутоа, факт е, дека спроведувањето на државниот испит и анализата на резултатите од него ќе покаже колку реално било оценувањето на знаењето на студентите од страна на нивните професори. Некоректното оценување, нискиот критериум – ја зголемува проодноста на студентите од една во друга година на студиите, но е проблем кој резултира со помал квантум/квалитет на знаење,што пак може да се манифестира со потфрлување при државниот испит, доколку со соодветна подготовка за истиот/освежување на знаењето не се надомести недостатокот. Инаку, се разбира, државниот испит нема да биде никаков проблем за оние студенти, кои студирањето го сфатиле сериозно.

Инаку, толку колку што ги пратам случувањата околу протестите организирани од т.н. Студентски пленум, од јавните ставови на поедини професори во насока на поддршка на негативниот став на студентите за воведувањето на државниот испит, освен оние кои покрај професурата имаат и нагласен политички ангажман, до сега не  видовме поддршка од професори, научници кои сесериозно препознатливи во академската јавност!

Во својата колумна таа вели дека студентите не смеат да се претворат во (ничија) монета за политички поткусурувања, за поддршка на чии било политички амбиции. Но сепак овој протест доби политилка димензија. На прашањето: Дали сметате дека непотребно се исполитизира целиот случај со протестот на студентите? проф. д-р Бајрактарова вели:

 –Следејки ги медиумите, интернет-порталите, изјавите на поединци од академската средина, поддржувачите, како и оние на студентите- организатори на протестите – што немаат ништо заедничко со реални причини за протести,  впечатокот е дека политиката, за жал, на перфиден начин се инволвира во истите. Тој е впечатокот, според мене, зашто студентите не протестираат за слабости во образовниот процес кои се пречка за нивната солидна едукација, туку ултимативно протестираат против правото и должноста на државата да (до)знае – со каков капацитет/квалитет на знаење располагаат нејзините идни  стручњаци, оние, на кои таа во иднина ќе треба да се потпре!

 

 

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top