| четврток, 6 декември 2018 |

Росоклија: Државниот испит е неопходен, алтерантивата е да продолжиме да тонеме во незнаење и неписменост

Академик Горазд Росоклија, научник во областа на невропатологијата и невроимунологијата, од 1992 година е професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот Колумбија, Њујорк, САД. Во интервју за Фактор оценува дека Државниот испит „...е неопходно како мерка со која ќе започне гаснењето на пожарот. На образованието му се потребни длабоки и болни реформи“

Фактор:  Надлежните често милуваат да прават паралела  со престижните  светски универзитети.  Нa универзитетот  Харвард  државен испит (екстерно полагање)  на студенти во втора и четврта година  не постои ниту ваков модел се применува на универзитетот Оксфорд. Има ли потреба и зошто според Вас треба да се  воведе  државниот  испит во Македонија?

Горазд Росоклија: Споредбата со најдобрите е логична. Стремежот треба да е кон врвот, не кон дното или кон просечното. Погрешно споредувате ниво на колеџи во кои нема екстерно оценување во тек на студиите, со професионална едукација која во САД се оценува екстерно. Во САД и во Обединетото кралство, после гимназија студентите одат на 4 годишна едукација во колеџ, за дури после тоа да отидат на три или четири годишна едукација во професијата со која ќе се бават (лекар, инжењер, правник, архитект и така натаму). Студентите по медицина во САД, во тек на медицинските студии полагаат државен испит кој се состои од 3 дела. Институски предмети, клинички предмети и правна регулатива.

Во Македонија, гимназијалците одат директно на професионални студии (медицина на пример), што е битно различно од системите во земјите кои ги наведувате. Друга значајна разлика е објективноста во оценувањето. Во САД, Англија и повеќето европски земји, знаењето се оценува максимално објективно преку тестови, без контакт со професорот.

Според последните податоци изнесени минатата недела, македонските студенти имаат најниско ниво на знаење во споредба со студентите од сите други европски земји. Ако кон тоа се додаде дека само 7 проценти од македонската популација има после гимназиско образование, прашањето ,,зошто треба да се воведе екстерно оценување” е надвор од реалноста на земјата. Алтерантивата е да продолжиме да тонеме во незнаење и неписменост.

Екстерното оценување, или државниот испит, не е решение на проблемите со кои се соочуваме во високото образование, но е неопходно како мерка со која ќе започне гаснењето на пожарот. На образованието му се потребни длабоки и болни реформи. Тие треба да започнат со ригорозни критериуми во изборот на професорскиот кадар, а да завршат со општествено вреднување на добрите студенти, не преку формални награди, туку преку нивно вработување на позиции на кои тие лично ќе напредуваат и ќе го движат напред целото општество.

Ф: Дали речиси сите досегашни  промени кои се направени во изминативе неколку години во образованието одат во прилог на негово комплетно уништување и приватизација?

Росоклија: Напротив. Универзитетите се тие што се спротивставуваат на секоја мерка која ќе ја подобри едукацијата, а во име на автономијата? Чија автономија? На професорите и тоа на оние што се неспособни? Автономијата на универзитетите значи автономија во изборот на професори, во изборот на програмите за едукација и во изборот на методологијата. Тоа е автономија на универзитетот. Но, универзитетот кој добива финансирање од државата, има и општествена одговорност на државата да и врати дипломци кои се едуцирани за потребите на глобалниот свет, т.е. пазар. Дали државата ги избира професорите? Не! Дали државата ги избира програмите и методологијата? Не! Кој е тогаш виновен за ниското ниво на знаење на македонските дипломци?

Кога во историјата на Македонија постоеле државни стипендии за секој студент што ќе се запише на еден од 100-те водечки универзитети во светот? Никогаш се до сега. Тие стипендии беа резервирани за ,,нивните деца”, не за нас, не за народот. Кога постоело финансирање за секој доктор кој сака своето знаење да го усоврши во светски медицински центар? Никогаш се до сега! Кога биле дадени 100 милиони евра за опремување на медицинските и другите научни институции? Никогаш се до сега! Како тогаш ,,промените во изминативе години” се на штета на знаењето, на штета на образованието?

Дали не сме ние, претпоставената македонска интелектуална елита, главните виновници за состојбата со образованието во Македонија? Кои се професорите на универзитетите? Владините министри или ние? Што е тоа што ние го предложивме или го правиме за излегување од кризата на (не)знаење во Македонија?

Ф: Доколку сепак се воведе државниот испит (екстерното полагање),  дали сметате дека би било добро  да се направи контрола на тоа кој какво образование  добива или добил  кај сите оние што денес  ја водат државата?

Росоклија: Погрешно. Детско размислување. Луѓето што ја водат државата не треба да се врвни економисти, лекари, инжењери, правници. Ниту еден голем лидер низ историјата не бил врвен професионалец во сопствената област. Тие треба да ги изберат најдобрите во својот тим. Тимот што ги советува и што ги прави програмите. Лидерите во областите треба да имаат визија, тимот околу нив треба да ја спроведе. Бил Клинтон е правник. Во неговиот мандат дојде до бум во американската економија, што резултираше во тотална вработеност и пад на криминалот во големиоте градови. Програмата ја направи неговиот тим. Истото се случи и со економскиот тим на Обама кој е правник. Тој економски тим ја извлече американската економија од кризата во која западна.

Ф: Студентскиот пленум  доби  поддршка од  студентите во Србија и Америка, а на протестниот марш ќе се вклучат и студентите од Штуловиот универзитет. Во исто време со скопскиот протестен марш против иницијативата за воведување на државен испит на факултетите закажаа и битолските и прилепските студенти. Зошто според Вас и покрај едногласното  противење  за воведување  државниот испит  се прави обид да се  даде партиско-политичка позадина?

Росоклија: За другите не знам, но што значи тоа ,,студентите од Америка”. Која Америка? Кои студенти, од кои универзитети? Оние од Колумбија, Харвард, Јел, Браун, Дартмут? Не верувам, затоа што за тоа какви испити ќе имаат, не одлучуваат студентите на овие универзитети туку самите универзитети, а за државните испити одлучуваат американските држави, секоја од нив според сопствените потреби и состојби. Нашите американски студенти не би успеале ниту да разберат што е тоа што го протестираат македонските студенти? Проверката на нивното знаење? Американските студенти плаќаат 60,000 долари годишно. За тие пари очекуваат да им биде дадено знаење, не безвредни дипломи, а знаењето се оценува со објективни тестови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top