Сергеј Глазјев, советник на рускиот претседател Владимир Путин, смета дека Москва треба да и одговори на Црна Гора заради поддршката на европските санкции кон Русија и заради отворената антируска политика на црногорската влада. Според Глазјев, одговорот треба да биде со намалување на бројот на чартер летови кон Црна Гора и пренасочување на руските туристи кон Крим.
Како што пишува весникот „Росискаја газета“, веќе од следното лето, бројот на руски државјани што ќе летуваат во Црна Гора би можел значително да се намали, а руските туристи да се преориентираат кон Крим и црноморските летувалишта, кои имаат послабо развиена инфраструктура.
Русите во последните неколку години постојано се истиснуваат од Црна Гора – на големите компании им се одземаа претпријатијата и бизнисите, наведува весникот, потсетувајќи на примерите на железарницата во Никшиќ, рудникот за боксит, КАП и неколку хотели во Црна Гора.
Владата на Црна Гора уште во април отворено ги поддржа санкциите на ЕУ и САД против Русија, а следејќи ја ЕУ, Црна Гора не ја поддржа ниту резолуцијата на Русија во Обединетите нации со која се осудува глорификацијата на нацизмот, потсетува Глазјев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


