Гарантен фонд за 100-процентна финансиска поддршка на земјоделците во насока на искористување што повеќе средства од ИПАРД фондовите, најавува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков во изјава за МИА.
Според Цветков, фондот ќе биде проектиран на околу 25 милиони евра со можност за финансирање проекти до максимум 100.000 евра и се очекува да профункционира од февруари или март идната година.
– Нашите земјоделци не се толку богати за да го предфинансираат проектот и да чекаат 50 отсто од парите назад, по неговото реализирање. Затоа предлагаме формирање гарантен фонд преку кој 100 отсто ќе им ги обезбедиме средствата, односно целосно ќе им ја гарантираме инвестицијата. Нивна обврска ќе биде да ја реализираат и да бидат редовни во подмирувањето на долгот. На почеток ќе одиме со помали износи, до 100.000 евра, нагласува Цветков.
Во тек се разговори со банките заинтересирани за кредитирање вакви проекти при што се настојува на одобрување заеми со ниска каматна стапка, од максимум пет до шест отсто.
– Сериозно работиме на оваа Програма. Штета е да не ги искористиме средствата што ни ги дава ЕУ, со ИПАРД 2 дури 106 милиони евра, подвлекува министерот.
За поголемо искористување на европските пари, тој предлага и почесто објавување ИПАРД огласи, најмалку шест пати годишно (секои два месеца), а не еднаш до два пати како досега. Така, вели, секој фармер кој поради одредени причини не ги исполнил условите и е вратен, ќе може да ги поправи грешките. Нема да мора да чека цела година.
Цветков најавува дека Министерството ќе застане зад производителите и во однос на обезбедувањето на потребните документи.
– Наместо фармерите да трчаат по институциите за да ги добијат потребните документи, ние ќе го сториме тоа. Еден апликант кој сакал да добие ИПАРД средства за производство на пилешко месо, четири години чекал дозвола од Министерството за животна средина. Сега, тавите случаи ќе ги анулираме, нагласува Цветков.
Неговата оценка е дека клучни причини за слабата искористеност на ИПАРД средствата досега биле, пред се, сложените, обемни процедури.
– По моето доаѓање на функцијата министер, ИПАРД беше првото прашање за кое се заинтересирав. Од разговорите со соработниците и надлежните, констатирав дека реализацијата на средствата е многу мала. Затоа, на овој проблем му пристапив максимално сериозно. Најпрво согледав дека со Програмата биле опфатени многу малку мерки. Сега тоа е надминато. Мерките се проширени, но критерумите останаа комплицирани. Земјоделците не можат да бидат сигурни дека ќе добијат пари. Тоа му го предочив на евроамбасадорот Аиво Орав. Сугерирав дека е неопходно програмата да биде што поблиска до производителите, вели министерот Михаил Цветков за МИА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.