Акцијата „Моември“ е иницирана во Австралија во 2003 година со цел да го сврти вниманието кон еден од најчестите здравствени проблеми кај мажите – рак на простата. Акцијата многу брзо стана глобална, а се состои во тоа мажите во ноември да пуштаат мустаќи. Во акцијата „Моември“, која го доби името по австралискиот сленг за мустаќи „мо“ се вклучиле повеќе од еден милион мажи од целиот свет, а биле собрани повеќе од 70 милиони долари за истражување и за лекување на ракот на простата.
Акцијата ја поддржуваат јавни личности, спортисти, политичари, а лекарите апелираат мажите да посетуваат уролог и да одат на редовни прегледи.
Во Европа и кај нас има драстично зголемува на болните и со карцином на тестиси и со рак на простата. Во Македонија ракот на простата е трет на листата на карциноми кај мажите, а редовните прегледи значат и извлекување на мажите.
Дали кампањата „Моември“ ја постигнува својата цел и ја подигнува свеста кај мажите повеќе да се грижат за своето здравје?
СТАНКОВ: Би сакал накратко да ги запознаам читателите со кампањата „Моември”, а вас да ви се заблагодарам што ја отворивте за дискусија бидејќи сметам дека на овие простори е сѐ уште недоволно позната и ја нема постигнато бараната цел.
„Моември” е кампања што на оригинален и хумористичен начин пренесува едноставна, а воедно многу сериозна порака до машката популација во светот. Има за цел да ја подигне свеста на мажите за нивното здравје, симболично преку носење мустаќи во ноември. Аспектот на хумор охрабрува сѐ повеќе мажи да се вклучат во кампањата, да другаруваат и дискутираат за формата на мустаќите, но и за здравствени проблеми специфични за нив, кои може да се превенираат, a со навремена дијагноза и третман целосно да се излекуваат. Покрај редовните контроли, фондацијата „Моември” укажува да обрнеме поголемо внимание на фамилијарните медицински истории, бидејќи освен здравиот начина на живот и генетскиот фактор игра важна улога во етиологијата на овие болести. Сепак, вистинскиот импактна кампањата лежи во големите донации во центрите за истражување на карцином на простата и на тестис. Морам да признаам дека оваа година немав мустаќи, за разлика од моите помлади колеги, а в година ветувам поактивно учество.
Кога треба, на која возраст да се побара совет од уролог?
СТАНКОВ: Мажите на 45 годишна-возраст размислуваат како да си ја задржат косата и да го ослабат стомакот, а не им паѓа на памет да посетат уролог. Препорачувам секој маж да почне да посетува уролог на 45 години, но и порано, доколку има проблем со урогениталните органи. Поголем акцент овој пат дадовме на здравјето на мажите, но да потсетам дека и жените се наши пациенти и треба да побараат уролошки совет секогаш кога имаат проблеми со органите на уринарниот систем. Важно е да запаметите дека вие сте најдобар адвокат за вашето уролошко здравје. Обврската е ваша да правите редовни контроли!
Какви се последиците од нередовно одење на преглед?
СТАНКОВ: Многу слични со последиците од нередовен сервис на вашиот автомобил, само што тука се работи за животот. Голем број болести може да превенираме, а голем дел да излекуваме, доколку бидат навремено дијагностицирани. Скенирањето за карцином на простата вклучува ПСА-тест кај мажи од 45 до 75-годишна возраст. Овој тест заедно со дигиторектален преглед по потреба може да детектира карцином во ран стадиум. Сепак не се препорачува системско скенирање на цела популација поради големата можност од лажно позитивни резултати бидејќи се покачува и при други бенигни состојби, како на пример простатит (воспаление на простата).
Дали повозрасните пациенти треба редовно и почесто да доаѓаат на прегледи?
СТАНКОВ: Да. Оваа популација треба да има обврска и редовно да доаѓа на преглед.
Кои болести поврзани со машкото здравје се најчести во Македонија?
СТАНКОВ: Од уролошки аспект би ги издвоил следниве најчести болести поврзани со машкото здравје: инфекции на уринарен тракт, камења во бубрег и уретер, бенигна хиперплазија (зголемување) на простата, карцином на простата, карцином на мочен меур, карцином на тестис. Како што старееме состојбата на простатата ќе игра сѐ поголема улога во квалитетот на живот. Би сакал да нагласам неколку факти за симптомите на зголемена простата, кои, се надевам, ќе бидат корисни за читателите. До 65-годишна возраст, 50 проценти од мажите ќе добијат бенигно зголемување на простатата, а на возраст од 90 години дури 90 проценти. Зголемена простата не секогаш предизвикува симптоми. Тежината на симптомите не се поврзани со големината на простата. Еден од тројца мажи ќе има симптоми на зголемена простата во текот на животот, а еден од десет мажи ќе има потреба од операција. Триесет до четириесет проценти од мажите со симптоми на зголемена простата немаат влошување на состојбата и може да немаат потреба од третман. Бенигно зголемената простата, обично, се третира со лекови што го релаксираат мускулот во и околу простатата или лекови што го намалуваат жлезденото ткиво на простатата. Доколку не дејствува терапијата, а симптомите се влошуваат, може да биде индициран хируршки третман.
Карциномот на простата е најчест карцином кај постари мажи во Македонија, а претставува голем здравствен проблем во Европа, особено во развиените земји со поголем процент на постаро население. Основни фактори на ризик севозраст, етничко потекло и генетска предиспозиција.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.